МВР Билтен
- СВР Штип - Надворешна канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Г.Б.(30) од Романија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.

Скопје, 11 април 2025 (МИА) - СВР Штип - Надворешна канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Г.Б.(30) од Романија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.
МВР денеска соопшти дека на 02.04.2025 во Пробиштип, пријавениот на 72-годишен маж му продал комплет кујнски прибор за сума од 970 евра, на тој начин што го довел во заблуда дека е оригинален производ на познат бренд. По преземени мерки, тој бил пронајден и лишен од слобода, по што во службен разговор во полициска станица го признал делото и ги вратил парите. Од Основен суд Штип пријавениот е осуден и му е изречена казна - протерување на странец од територијата на државата во траење од три години.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против М.П. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик. Пријавената М.П. - референт за управни работи во Одделение за управни работи Куманово, на 20.12.2024 извршила продолжување на регистрација на приколка „тирсан“ и на патничко возило „шеворлет калос“ и покрај тоа што не биле исполнети законски пропишаните предуслови за продолжување на регистрацијата, односно двете возила немале поминато технички преглед. Исто така, на 27.12.2024 пријавената извршила продолжување на важноста на регистрацијата на патничко возило „опел корса“ и покрај тоа што подносителот на барањето не приложил важечка лична карта, односно приложил истечена лична карта, што е и еден од условите за регистрација на возило. Продолжувањето на регистрацијата, М.П. го извршила во периодот кога користела боледување. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против М.П. поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и изрече задолжителна мерка за отстранување на работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапката.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Р.Т.(29) од с.Раклиш, радовишко, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и ,,овозможување на употреба наркотични дроги’’. На 02.02.2025 во Радовиш, полициски службеници извршиле претрес во домот на девојка на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана, а во дворот од домот биле затекнати пријавениот и неговата девојка како користат марихуана, која ја набавил пријавениот.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.М.(46) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 29.10.2024 во Куманово, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
СВР Битола поднесе кривична пријава против А.Ј.(35) од Скопје и правен субјект од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измамување на купувачи“. Првопријавениот, одговорно лице, основач и управител на второпријавеното правно лице, од 02.07.2019 до 03.08.2021 во Битола, преку правното лице пуштил во промет производи со ознаки кои не одговараат на содржината, во вкупна вредност од 4.401.062 денари наведено во понуда од 02.07.2019, а дополнително зголемени со понуда од 11.12.2020 со што на оштетеното правно лице му причиниле материјална штета во износ од 5.129.283 денари.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.М.(45) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца”. На 04.04.2025 во Македонски Брод, полициски службеници извршиле контрола на товарно возило, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека вршел јавен превоз на стоки, без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен орган.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против П.М.(32) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Нa 03.03.2025 на Граничниот премин Табановце, на влез во државата, пријавениот приложил фалсификувана сообраќајна дозвола.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.И.(54) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Во август 2022 година на катастарска парцела над викенд населбата на Попова Шапка, на локалниот пат кон Долна Лешница, пријавениот извршил узурпација и бесправно изградил темелна плоча без претходно добиена соодветна дозвола за градба издадена од надлежен орган.
На 10.04.2025 во Кичево полициски службеници од ОВР Кичево лишиле од слобода 14 - годишен малолетник од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во домот на соседите допирал по телото четиригодишно женско дете. Во присуство на родител, претставник на Центарот за социјални работи и адвокат за малолетници, во ОВР Кичево со него бил извршен службен разговор. Известен е јавен обвинител и по целосно расчистување на настанот ќе биде поднесена пријава за кривично дело „силување на дете кое не наполнило 15 години“, по член 188 став 5 од Кривичниот законик.
На 10.04.2025 околу 17.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Партизански одреди“, во близина на мост „Влајко“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.С.(39) од Скопје, патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.А.(29) од с.Сингелиќ, скопско, патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.Т.(46) од Скопје и патничко возило „фиат стило“ со скопски регистарски ознаки, кое го напуштило местото на настанот. Во незгодата со телесни повреди се здобиле возачот З.А. и неговите сопатници Р.Р.(20) од с.Сингелиќ и Ј.А.(20) од с.Батинци, скопско, возачот Д.С. и сопатникот во патничкото возило „форд фиеста“, Д.Т. од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ и во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 10/11.04.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.Х.(22), С.Ш.(26) и Д.С.(32), сите од Скопје, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 10.04.2025 во 14.45 часот во ОВР Неготино било пријавено дека на крстосницата со ул.„Никола Петров“ и ул.„Маршал Тито“ во Неготино, патничко возило „пежо“ со неготински регистарски ознаки, управувано од Д.У.(24) од с.Пепелиште, неготинско, удрило во пешакот М.И.(76) од Неготино. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.И., констатирани во Општата болница Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Неготино.
На 10.04.2025 во 20.15 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на крстосницата од ул.„Ресавска“, ул.„Јован Планински“ и ул.„Ѓорѓи Сугаре“ во Кавадарци, патничко возило удрило во пешакот Х.И.(33) од Кавадарци, по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Х.И., констатирани во Општата болница Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 10.04.2025 во 10.29 часот во Полициската станица Демир Хисар било пријавено дека на крстосница за с.Кутретино, демирхисарско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат“ со демирхисарски регистарски ознаки, управувано од И.Р.(58) од с.Мало Илино, демирхисарско и патничко возило „пежо“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Д.С.(57) од с.Сараќино, тетовско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Д.С., констатирани во здравствена установа. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициската станица Демир Хисар.
На 10.04.2025 во 09.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од ул.„Владимир Комаров“ и ул.„Бојмија“ во Скопје, патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 20-годишната С.А. од Скопје, удрило во пешакот Е.Р.(33) од Кавадарци. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 10.04.2025 во 23.10 часот во СВР Скопје Ќ.М.(34) од Скопје пријавила дека околу 12.00 часот пред влез на општинско основно училиште на подрачјето на Чаир, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од едно вработено лице од училиштето. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 10.04.2025 во 09.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Владимир Назор“ во Скопје настанал пожар во патничко возило „цитроен ксара“ со скопски регистарски ознаки, во движење, управувано од М.Г. од Скопје. Од пожарот било зафатено и патничко возило „фиат пунто“ и фасада од зграда. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен.
На 10.04.2025 во 22.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во домот на подрачјето на Центар во Скопје бил пронајден починат М.К.(39) од Скопје. Лекар од Итната медицинска помош Скопје констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.
На 10.04.2025 во 18.00 часот во СВР Скопје, 74-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно машко лице за сума од околу 2.000 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски и ѝ кажало дека нејзиниот син и неговата сопруга предизвикале сообраќајна несреќа во која прегазиле дете–мигрант и доколку не сака тие да лежат во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите ги оставила на договореното место, а откако се вратила во домот и го видела нејзиниот син сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 10.04.2025 во 16.00 часот во СВР Скопје, 86-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно машко лице за сума од околу 112.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете-мигрант кое починало и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите што ги имала во домот ги ставила во кеса и ги фрлила од балконот, како што и посочило лицето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 10.04.2025 во 14.15 часот во СВР Скопје, од фирма на подрачјето на Гази Баба било пријавено дека нивен вработен Б.Б.(58) се здобил со повреда при извршување работни задачи, по што бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. За настанот бил известен трудов инспектор.
На 10.04.2025 во 15.00 часот во СВР Скопје, 43-годишна жена од скопско село пријавила дека на 08.04.2025 околу 10.00 часот во двор од домот каде престојувал нејзиниот партнер Ф.Х.(46) од с.Сарај, скопско, тој физички ја нападнал и ѝ оштетил два мобилни телефони. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. цр/
Фото: МИА архива