• сабота, 28 декември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - СВР Охрид поднесе кривична пријава против Л.У.(33) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“. На 17.12.2024 во 03.25 часот во казино  на булевар „Туристичка“ во Охрид, по претходна расправија, со остар предмет го нападнал Ж.Р. од Охрид и му нанел убодни рани. По распишан локален распис и преземени мерки и активности, на 26.12.2024 во Струга, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга го лишиле од слобода Л.У., а судија на претходна постапка му определил мерка притвор во траење од 30 дена.

На 26.12.2024 полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Д.Ј.(20) од село Мокриево, општина Ново Село. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена марихуана и една дигитална вага. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против З.П. ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 26.12.2024 во 17.00 часот полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Д.К.(46) од село Добрејци, струмичко. Полициските службеници, постапувајќи по судска наредба, извршиле претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени марихуана и две шишенца исполнети со течност. Лицето било задржано во Полициската станица Струмица, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против Д.К. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (27.12.2024) во 05.00 часот во СВР Скопје, било пријавено дека кај Транспортен центар во Скопје М.Ј.(58) од Скопје, бил физички нападнат од неколку лица кои употребиле и тврд предмет, а притоа му одзеле мобилен телефон и пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.12.2024 во 13.00 часот во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Љ.К.(54) од Штип, поради тоа што на продажно место во трговски центар на подрачјето на Центар, агресивно се однесувал и се заканувал со остар предмет кон едно лице. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 26.12.2024 околу 16 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Скопје, пред објект на подрачјето на Центар Б.К.(58) од Скопје извикувал навредливи пораки, со кои ширел омраза. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.12.2024 во 23.55 часот во СВР Скопје, Р.Џ.(57) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар слушнал истрели од огнено оружје. Излезено било на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје, при што биле пронајдени и подигнати чаури за понатамошна постапка. Повредени лица нема. За настанот бил известен Јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.12.2024 во 12.32 часот во СВР Скопје од поликлиника во с.Кадино, скопско, било пријавено дека кај нив бил донесен Н.И.(63) од с.Марино, скопско, на кој, според пријавеното,  додека претходно извршувал работни задачи на објект во с.Марино, му се слошило и по пристигнувањето во поликлиниката починал, а од страна на лекар констатирана била смрт без видливи траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.

На 26.12.2024 во 21.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била пронајдена почината М.А.(61). Од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било предадено на обдукција. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
       
На 26.12.2024 во 13.06 часот во СВР Скопје од Итната медицинска помош било пријавено дека во службени простории на здружение, на подрачјето на општина Аеродром, на Ѓ.А.(76) од Велес и се слошило и починала. Од страна на лекар констатирана била смрт без видливи траги на насилство. По наредба на јавен обвинител телото на починатата било предадено на обдукција.  

На 26.12.2024 во 21.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во куќа во с.Средно Коњари, скопско, каде престојувала, била пронајдена почината В.Ц.(37) од Скопје. Од страна на лекар од Итната медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција.

Денеска (27.12.2024) во 00.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Александар Македонски“ во Скопје,  патничко возило „крајслер“, сопственост на МВР, а управувано од полицискиот службеник М.Н.(32) од Кратово, излетало надвор од коловозот. Во незгодата возачот се здобил со телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
     
Денеска (27.12.2024) во 00.40 часот во СВР Скопје, Е.П.(23) од Скопје пријавила дека на 26.12.2024 околу 21.45 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар, се здобила со повреди откако врз неа паднал звучник, кој бил поставен во објектот. Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје.

На 26.12.2024 околу 20.45 часот во СВР Скопје, С.Ј.(21) од Скопје пријавил дека на 24.12.2024 околу 17.15 часот на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање во сообраќајот бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.12.2024 во 16.30 часот во СВР Скопје, М.М.(26) од Скопје пријавил дека околу 02.15 часот во казино на подрачјето на Кисела Вода, бил физички нападнат од  С.С., М.Л., В.А. и уште едно лице, при што употребиле остар и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.12.2024 во 09.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Л.Љ.(42) од нас.Илинден пријавила дека од домот се оддалечила нејзината ќерка Е.Љ.(13). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Денеска (27.12.2024) во 01.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Трета македонска бригада“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.В.(58) од Скопје и патничко возило „дачија сандеро“, сопственост на МВР, а управувано од полицискиот службеник Н.С.(31) од Скопје. Во незгодата со телесни повреди се здобиле Н.С. и неговиот сопатник Н.С.(48) од Скопје, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Л.И.(65) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 13.12.2024 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата 60- годишна сопруга, при што и нанел тешка телесна повреда.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против З.П.(25) од с.Пиперево, штипско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 25.10.2024 полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана и дигитална вага.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, поднесе кривична пријава против М.Ш.(18) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 10.12.2024 во семејниот домот, пријавениот физички ја нападнал неговата мајка, а потоа со тврд предмет се обидел физички да го нападне неговиот татко.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.Т.(42) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 21.12.2024 пријавениот, во подрум од станбена зграда во Битола, каде живее, предизвикал пожар.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.М.(37) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „поткуп при избори и гласање“. Пријавениот во мај 2024 на поголема група граѓани, им давал подароци во вредност од 130.500 денари, со намера да ги придобие и на нив да влијае како да го користат нивното избирачко право, а во договор со управителот на бензинска пумпа од Крива Паланка, подигнал и поделил 25 ваучери од 500, 1000, 1500 и 2.000 денари, на повеќе лица за точење на нафтени деривати. миа/миа/

фото: МИА архива

Остани поврзан