• среда, 13 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 29 септември 2024 (МИА) - Полициски службеници од СВР Охрид и од Одделот за крим полиција-Сектор за општ и насилен криминал  при МВР, денеска по претходно издадена судска наредба, извршија три претреси во Охрид и од слобода лишија едно лице од Охрид. Претресите се извршени поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик и кривично дело „изнуда“ по член 258 од КЗ. Се преземаат и дополнителни мерки и активности во координација со јавен обвинител, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 28.09.2024 во 21.30 часот во Тетово кај „Блок 82“  полициски службеници од СВР-Тетово го лишиле од слобода Е.И.(25) од с. Голема Речица, тетовско. Кај него биле пронајдени марихуана и кокаин. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

На 28.09.2024 во 13 часот на улицата „Маршал Тито“ во  Кичево, полициски службеници го привеле Џ.С.(44) од Тетово, кој бил баран врз основа на издадена наредба од Основниот суд во Тетово и распишана потерница од Казнено поправната установа „Затвор Идризово“ -Скопје, за  доиздржување на казна затвор во траење од една година и девет месеци. Лицето е спроведено во казнено поправната установа.

На 28.09.2024 во 23 часот полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Л.Ј.(28) од Тетово, поради основано сомнение дека сторил кривично дело обид за убиство. Имено, тој на 27.09.2024 бил пријавен од малолетник од Тетово дека претходно, на 26.09.2024 околу 22 часот во работилница во Тетово со остар предмет го нападнал и му нанел тешки телесни повреди. Л.Ј. е задржан во  полициска станица и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (29.09.2024) во 01 часот во Полициската станица Берово било пријавено дека пред угостителски објект во Берово, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.Т.(35) и Д.Т.(33), двајцата од Берово, од една страна и А.Т.(28) и Ѓ.К.(30) двајцата од с.Умлена, пехчевско, од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 28.09.2024 во 13.56 часот во СВР Штип, Ѓ.Д.(33) од Штип, пријавил дека во Штип, неговиот малолетен син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.09.2024 во 18.55 часот во СВР Скопје, било пријавено дека во с.Дивље,скопско, по претходна расправија, Д.В. го турнал Т.С. по скали, при што Т.С. се здобил со повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.09.2024 во 16.20 часот во СВР Скопје, било пријавено дека во Скопје, на подрачјето на Центар, на паркинг позади угостителски објект, бил пронајден починат Т.Т.(43) од Велес. Од страна на лекар од Итната медицинска помош била констатирана смрт без видливи траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.

На 28.09.2024 околу 18 часот во СВР Скопје било пријавено дека во дворно место од куќа на подрачјето на Чаир, додека извршувал градежни работи, врз Ј.И.(54) од Скопје паднал бетонски столб. Ј.И. бил пренесен во Поликлиниката Чаир, каде од страна на лекар констатирана била смрт. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. 

Денеска (29.09.2024) во 02.00 часот во СВР Скопје, М.Р.(18) од Скопје пријавил дека околу 00.30 часот во Градскиот парк во Скопје, бил физички нападнат од неколку лица, откако претходно му побарале да им го даде паричникот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (29.09.2024) околу 02.40 часот во СВР Скопје, Л.М.(21), М.С.(22) и В.М.(22), сите од Скопје пријавиле дека на 28.09.2024 околу 23.40 часот, во Градскиот парк во Скопје, биле физички нападнати од неколку лица, кои претходно се обиделе да им одземат пари, а бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 28.09.2024 во 18.10 часот во СВР Скопје, било пријавено дека во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Б.(60) и А.А.(44), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

  На 28.09.2024 во  22.10 часот во СВР Скопје, Д.П.(44) од Скопје пријавил дека околу 21.40 часот на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од Е.„Н“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

фото: МИА 

 

 

Остани поврзан