• петок, 08 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - На 30.05.2024 во 17:05 часот на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар го привеле И.Д.(56) од Скопје, затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.К.(41) од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.05.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана, две дигитални ваги, дробилка и воздушна пушка.

На 30.05.2024 во 23:00 часот во СВР Скопје, М.П.(56) од Скопје пријавил дека околу 22.15 часот на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од неговиот сосед Е.Ј.(40) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 30.05.2024 во 22:22 часот во СВР Скопје, В.А.(23) од с.Буковиќ, скопско, пријавил дека во селото бил физички нападнат од С.Ј.(32) од с.Буковиќ и Е.Ј.(23) од с.Паничари. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.П.(36) од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.05.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и шприц со густа материја.

На 30.05.2024 во 19:45 часот во СВР Скопје, И.А.(31) од Скопје пријавила дека околу 19:00 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно недоразбирање, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од 54 – годишната Х.Р. од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 30.05.2024 во 13:00 часот во СВР Скопје, Љ.С.(29) од Скопје пријавила дека околу 08:00 часот на подрачјето на Бит Пазар, по претходна расправија, била физички нападната од едно женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Х.А.(45) и В.А.(22), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 14.03.2024 на Камениот мост во Скопје, пријавените физички го нападнале Ф.Р. и му одзеле пари и мобилен телефон.

На 30.05.2024 во 16:40 часот во Полициската станица Центар, П.Ѓ.(58) од с.Градошорци, струмичко, пријавил дека околу 15:30 часот на подрачјето на Центар во Скопје, едно лице со закана му одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Битола поднесе кривична пријава против С.С.(22) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „разбојничка кражба“ и „тешка кражба“. На 28.05.2024 во продажен објект на ул.„Апостол Здравевски“ во Битола, пријавениот физички ја нападнал вработената и одзел пари од дневниот промет. А на 05.05.2024, пријавениот со употреба на сила влегол во аптека во Битола и го одзел дневниот промет.

На 30.05.2024 во 17:40 часот во СВР Скопје, К.К.(52) од Скопје пријавил дека околу 16:40 часот во неговиот продажен објект на подрачје на Карпош, едно лице со закана со пиштол и нож од касата одзело пари и при обид да избега, паднало и се повредило, а тој успеал да го совлада и да повика полиција. Полициски службеници излегле на местото и констатирале дека станува збор за И.С.(37) од Скопје и од него биле одземени пиштолот и ножот. Лицето било пренесено во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 30.05.2024 во 22:00 часот во СВР Тетово, Ф.А.(37) од Тетово пријавил дека на улица „ЈНА“ во Тетово, неговиот малолетен син бил нападнат од кучиња скитници и при обид да побегне паднал и се здобил со повреди, констатирани во Клиничка болница Тетово.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против З.З. од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 12.08.2023, пријавениот  физички го нападнал неговото малолетно дете, по што при претрес во неговиот дом била пронајдена автоматска пушка калибар 7,62 мм.

На 30.05.2024 во Полициската станица Штип бил извршен службен разговор со Б.Ј. од Штип, полициски службеник од Полициската станица Штип, постапувајќи по претходна пријава дека ноќта на 30.05.2024, при семејна веселба, пукал од службеното огнено оружје. За настанот биле известени Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР и јавен обвинител, по чија наредба од домот на Б.Ј. бил одземен пиштол и пиштолска муниција калибар 9 мм. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 30.05.2024 во 21:20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Г.Ј.(34) од Скопје пријавил дека на ул.„Мара Нацева“ во Скопје, неговата малолетна ќерка била касната од куче со сопственик.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.Р.(42) и Е.Р.(27), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“. На 27.04.2024, пријавените додека биле во казино, подолг период ги оставиле своите малолетни деца заклучени во патничко возило на паркинг простор.

На 30.05.2024 во 14:40 часот во СВР Скопје, Ф.Д.(62) од Долно Свиларе, скопско, пријавила дека во комбе кое вршело јавен превоз во селото, таа и нејзината ќерка биле физички нападнати од Л.К. од с.Рашче, скопско, кој им се заканил и со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Ј.А.(26) од Босилово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. На 30.04.2024 на место викано „Дарлански пат“, пријавениот бил затекнат со патничко возило натоварено со огревно дрво без документација.

На 30.05.2024 во 18:30 часот во СВР Скопје, Ј.Т.(48) од Скопје пријавила дека околу 16:45 часот на подрачјето на Центар, едно лице со употреба на сила ѝ одзело накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (31.05.2024) во 02:40 часот во Полициската станица Аеродром, В.Б.(32) од Скопје пријавил дека на ул.„Венјамин Мачуковски“ во Скопје бил каснат од куче скитник. фф/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан