• вторник, 20 август 2024

МВР-билтен

МВР-билтен

Скопје, 19 август 2024 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до надлежното Основно јавно обвинителство Струга поднесе кривична пријава против В.Р. - инспектор за прекуграничен криминал и миграции Струга во Одделение за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија во Регионалниот центар за гранични работи Запад, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ по член 235-а од Кривичниот законик. На 11.06.2024, вработени во ЕВН Струга констатирале дека пријавениот В.Р. врши неовластено преземање на електрична енергија на трифази во неговата куќа во с.Делгошти, Струшко. Пријавениот, кражбата на електрична енергија ја вршел од бандера на ЕВН преку електрично броило поставено во куќата на неговиот починат татко, од каде бил пуштен кабел за електрична енергија до неговата куќа. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против В.Р. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина.   

На 18.08.2024 во 09.00 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Л.Л.(21) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 18.08.2024 во 07.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Финска“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „дукати“ со скопски регистарски ознаки, управуван од А.Б.(43) од с.Арачиново, Скопско и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.С.(61) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.     

На 18.08.2024 во 16.06 часот во СВР Тетово било пријавено дека на регионалниот пат с.Сиричино - с.Желино, Тетовско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „форд ка“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од М.Г.(82) од с.Сиричино и патничко возило „опел“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од В.А.(30) од с.Теарце, Тетовско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот М.Г., а со телесни повреди се здобил возачот В.А. и уште пет негови сопатнички од с.Теарце, од кои две малолетни, констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од увидна екипа од СВР Тетово.   

На 18.08.2024 во 12.15 часот во Полициската станица Гази Баба, С.Т.(70) од Скопје пријавил дека на ул.„Методија Андонов Ченто“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 18.08.2024 во 15.00 часот во СВР Охрид, С.К.(39) од с.Мешеишта, општина Дебрца, пријави дека на ул.„Абас Емин“ во Охрид, неговиот малолетен син бил  каснат од куче скитник. мд/

Фото: МИА архива 

 

 

 

 

Остани поврзан