• сабота, 23 ноември 2024

Имаме индиции за финансиски злоупотреби во уште најмалку две ДКП-а, рече Муцунски

Имаме индиции за финансиски злоупотреби во уште најмалку две ДКП-а, рече Муцунски

Скопје, 19 август 2024 (МИА) - Освен ситуацијата во Постојаната мисија на ОН во Њујорк, имаме индиции за финансиски злоупотреби уште во најмалку две дипломатско-конзуларни претставништва на државава во странство, изјави вечерва министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, без да прецизира за кои амбасади станува збор.

-За жал, јас имам идентификувано уште неколку други случаи на непрофесионално работење, Морам да констатирам, во последните неколку недели утврдивме и неколку дополнителни случаи на сериозни недоследности. Не би можел тука да кажам каде, пред се и заради почит кон државите каде што тие поединци се акредитирани, но имаме и други ситуации, како ситуацијата со Постојаната мисија во Њујорк, на финансиски злоупотреби од страна на нашите амбасадори. Ќе воспоставиме повисоки стандарди за работење на нашите амбасадори, на тој начин штитејќи го нашиот имот и буџет. Верувам во процедурите, имаме индиции и ќе им дадеме шанса да ги кажат и своите аргументи и тие да ги приложат нивните докази, но генерално кога се финансиските прашања во прашање тогаш најчесто се многу јасни работите, дури и ноторни, но ние мора да спроведеме внатрешна процедура и внатрешна ревизија бидејќи мора да ги имаме највисоките стандарди за нашите претставници надвор од државата, нагласи Муцунски.

На прашањето дали се остварени консултациите во МНР со амбасадорите Весел Мемеди, Љубомир Фрчкоски, Андреј Жерновски и Данчо Марковски, кажа дека се остварени консултации со тројца од овие амбасадори. Наведе дека единствено со Фрчкоски не се остварени консултации, бидејќи, како што информира, тој отворил боледување.

-Тоа не значи дека постапката се одоговлекува. Таму имаме сериозни индиции за финансиски злоупотреби на буџетски средства кои се на МНР и факт е дека ние во моментов спроведуваме ревизија на работењето на Постојаната мисија во Њујорк. Јас му посакувам побрзо оздравување, како и на секој човек што го познава, но тоа не значи дека не следува процес на утврдување на одговорност за сериозни тенденции што ги имаме за злоупотреба на финансиски средства од страна на Мисијата, во времето додека ја раководи амбасадорот Фрчкоски, подвлече Муцунски.

Во врска со амбасадорот во Тирана, Марковски, министерот рече дека таму имале и се уште имаат сериозни грижи околу начинот на којшто се спровел пописот во соседна Албанија.

-За тоа се уште имаме комуникации и јас со мојот албански колега, и премиерот Мицкоски со премиерот Рама. Но, тоа што го утврдивме е дека всушност институционалните грешки што се случувале дури се спроведувал пописот, во голема мера биле од наша страна, односно непостапување од страна на институциите при јасен, народски кажано, кренат аларм и од нас, и од страна на нашата амбасада во Тирана. И тука не можам да ја најдам вината кај амбасадорот Маркоски, бидејќи тој соодветно укажувал дека има проблеми. Заедно и јас и тој констатиравме дека институциите и тоа не само МНР, но и низа други институции во тој период, не постапиле соодветно, не дале никакви инструкции на нашата амбасада во Тирана. И затоа одлучив амбасадорот Маркоски да го вратиме во Тирана. Тој го завршува неговиот мандат за неколку месеци, рече Муцунски.

За амбасадорот Мемеди, додаде тој, е јасна причината зошто е тој повикан на консултации, и во моментот спроведуваме постапка во рамките на МНР. Мемеди, имено, пред неколку месеци испрати допис од негова страна до италијанските власти дека не важат пасошите со старото уставно име за македонските граѓани, без соодветни инструкции од МНР во тоа време. 
 
-Кај амбасадорот Жерновски има сериозни индиции за несоодветно постапување што е поврзано со формално-правниот аспект на неговото стапување на функцијата. Исто така, веќе тука отпочнуваме внатрешна процедура за да се утврди дали има или дали нема одговорност. Секако, за сите овие прашања сум во детална комуникација, и со претседателката, и со премиерот, и тие се информирани за што се случува. Но, тоа што јас можам да го кажам е дека од нашите амбасадори очекуваме професионализам и стручност во работењето, додаде Муцунски. нд/вј/

Фото: МИА архива

 


 
 
 

Остани поврзан