• среда, 21 август 2024

МВР-билтен (ДПЛ)

МВР-билтен (ДПЛ)

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - На 19.08.2024 во 22.35 часот, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.А.(39) од Скопје. При претрес во неговиот дом и помошни простории на подрачјето на Бит Пазар, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана, две дигитални ваги со остатоци од марихуана и други предмети со остатоци од марихуана. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Битола поднесе кривична пријава против В.А.(23) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги“. На 19.02.2024 во Прилеп, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и пари. Истиот ден, при преглед кај друго лице била пронајдена и одземена марихуана која ја набавил од пријавениот.   

На 19.08.2024 околу 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.,,Александар Македонски” во Скопје, од патничко возило во движење од огнено оружје било пукано во патничко возило „фолксваген пасат” со австриски регистарски ознаки, управувано од Н.А.(43) од Австрија, со привремен престој во Скопје, а сопатник бил Н.А.(30) од Скопје. Притоа, со прострелна рана се здобил возачот Н.А. и бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Увид извршила екипа од СВР Скопје и на местото биле пронајдени чаури од огнено оружје калибар 9 мм. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

СВР Битола поднесе кривична пријава против С.К.(44) и В.Т.(40), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 02.01.2024, бил извршен преглед над В.Т. и биле пронајдени и одземени амфетамин и таблети, при што посочил дека таблетите ги продавал на А.К., а дрогата на С.К..

Денеска (20.08.2024) во СВР Струмица бил извршен службен разговор со З.Д.(45) и Д.С.(25), двајцата од с.Ново Коњарево, Струмичко. Имено, по преземени мерки и активности од СВР Струмица беше утврдено дека на 15.08.2024 за време на семејна прослава во Струмица пукале од сигнален пиштол. Во разговорот тие го признале делото, а од Д.С. бил одземен пиштолот. По целосно  документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Г.К.(44) од Кичево поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 13.08.2024 во Кичево, пријавениот телефонски упатил закани кон полициски службеник од Кичево затоа што претходно му издал прекршочен платен налог.   

Денеска (20.08.2024) во 00.30 часот во СВР Струмица, од Медицинскиот центар Струмица било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен малолетник од Струмичко. Според пријавеното, малолетникот се здобил со повредите во забавен парк во с.Ново Село, откако врз него паднал рефлектор. Во врска со настанот од слобода бил лишен Б.К.(40) од Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Струмица и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Е.(48) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 22.11.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

На 19.08.2024 во 23.30 часот во Штип, полициски службеници при СВР Штип го лишиле од слобода лицето Ф.С.(42) од Штип затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија, при што употребил и остар предмет и му нанел повреда. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.К.(32) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци прекурзори“. На 20.07.2023, полициски службеници извршиле преглед над друго лице, при што била пронајдена и одземена марихуана, која ја набавил од пријавениот.

На 19.08.2024 во 16.25 часот во СВР Скопје, Г.К.(40) од Скопје пријавил дека околу 16.00 часот на подрачјето на Гази Баба, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Битола поднесе кривична пријава против А.И.(36) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 16.06.2023 во Битола, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот и патничкото возило кое го управувал, при што бил пронајден и одземен хероин.

На 19.08.2024 во 13.00 часот во СВР Скопје, М.У.(39) од с.Бразда, Скопско, пријавила дека на 18.08.2024 околу 19.00 часот во селото, по претходно недоразбирање, била физички нападната од К.Д.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Битола поднесе кривична пријава против В.Р.(41) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

На 19.08.2024 во 20.27 часот во СВР Скопје, А.Б.(48) од Скопје пријавил дека околу 15.00 часот на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од 75 – годишната Р.Н. од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Битола поднесе кривична пријава против С.К.(38) и Ј.Н.(30), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На ул.„Новачки пат“ во Битола, полициски службеници извршиле преглед врз првопријаввниот, при што бил пронајден и одземен метамфетамин, а при преглед во патничко возило, кое го управувал второпријавениот, била пронајдена дробилка со остатоци од марихуана и куршуми за сигнален пиштол.

На 19.08.2024 во 11.00 часот во СВР Скопје, Т.И.(54) – судски полицаец од Скопје, пријавил дека околу 10.00 часот на неговото работно место во Основен граѓански суд бил физички нападнат од С.Х.(65) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Т.И.(45) од Битола и правно лице од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „производство и пуштање во промет штетни прехрамбени и други продукти“. Во периодот од 2022 до 2023, Т.И. како одговорно лице во второпријавеното правно лице, во продажен објект на правното лице вршел продажба на додатоци за исхрана– суплементи набавени од правни и физички лица без декларација и за кои не поседувал документација.

На 20.08.2024 во 01.40 часот во СВР Скопје, М.Б.(40) од Скопје пријавил дека на 19.08.2024 околу 23.00 часот на подрачјето на Центар, едно лице физички го нападнало, по што со закана со остар предмет му одзело пари и лични предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.С.(49) и К.М.С.(51), двајцата од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење на шума“. Во текот на август 2023 во с.Старо Село, општина Јегуновце, на парцела сопственост на пријавените, која се наоѓа во границите на национален парк Шар Планина, вршеле пустошење шума со работна машина - багер со цел на местото на ископот да градат објект без да поседуваат одобрение за градење од надлежни органи.

На 19.08.2024 во 16.00 часот во Полициската станица Аеродром М.Н.(41) од Скопје пријавил дека од местото каде престојувале се оддалечиле девет лица од Непал, кои биле вработени во фирма во Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против З.З.(63) од с.Присојница, општина Маврово и Ростуше, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Во периодот од 2017 до 2024 година, на парцела во државна сопственост, пријавениот без да поседува документација извршил узурпација на земјиште и започнал изградба на објект.

На 19.08.2024 во 11.00 часот во Полициската станица Струга, А.А.(29) од Струга пријавила дека на ул.„Маркс Енгелс“ во Струга била касната од куче скитник.

На 19.08.2024 во 09.30 часот во СВР Битола, Н.Т.(43) од Битола пријавил дека на ул.„Партизанска“ во Битола бил каснат од куче скитник. мд/

Остани поврзан