• среда, 25 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)
Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - СВР Битола - ОВР Прилеп до Основното јавно oбвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против М.А.(46) од Прилеп, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, казниво по член 353-в од Кривичниот законик. Пријавениот, во својство на управител на правен субјект од Прилеп, ги повредил одредбите од Законот за работни односи и Колективниот договор на правното лице, со тоа што до 01.09.2022 година имал склучено договор за работа во Р.Хрватска, а истовремено не го имал прекинато работниот однос во јавно претпријатие од областа на комунална дејност од Прилеп, со што се стекнал со противправна имотна корист.

На поширокото тетовско-гостиварско подрачје вчера (10.11.2022) од 09.00 до 14.00 часот  спроведена е акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз на патници, во која вкупно биле откриени и санкционирани 9 прекршоци (ТЕ-5 и ГВ-4). Шест од нив се однесувале на неисправни сопирачки (ТЕ-4 и ГВ-2), 2 (ГВ) на неизвршен технички преглед и 1 (ТЕ) на неисправен уред за управување. Технички неисправните возила веднаш се исклучени од сообраќај, а на возачите изготвени им се законски предвидените поднесоци и ќе се соочат со парични глоби. При контролата, исто така, санкционирани се и 5 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-2 и ГВ-3).

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Љ.А.(31) од Дебар, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 01.11.2022 во близина на Домот на култура во Дебар, полициски службеници затекнале три лица кои во моментот користеле марихуана која претходно ја набавиле од пријавениот.

На 10.11.2022 околу 21.20 часот на подрачје на Аеродром од полициски службеници од СВР Скопје лишени од слобода се М.Г.(22) и Г.Л.(28), двајцата од Скопје, постапувајќи по пријава според која двете лица во угостителски објект во с.Долно Лисиче, скопско, учествувале во физички напад со тврд предмет извршен од Д.С. врз Ј.Ц.(50) од с.Горно Лисиче, скопско. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.И. (37) од Велес, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „измама“ и ,,фалсификување пари“. Пријавениот, со намера да се стекне со противправна имотна корист, прибавил 12 фалсификувани банкноти  во апоени од по 100 евра, кои во текот на месец март 2022 година ги пуштил во оптек при купопродажба на мобилни телефонски апарати.

На 11.11.2022 на подрачјето на Центар од полициски службеници од СВР Скопје лишени од слобода се четворица малолетници од Скопје, по пријава од Д.С.(19) од Скопје според која на 10.11.2022 околу 22.15 часот во Градскиот парк во близина на фонтаната малолетниците  физички го нападнале. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 11.11.2022 во СВР Скопје А.Ф.(36) вработен како директор на студентски дом во населба Кисела Вода, Скопје пријавил дека на работното место, по претходна расправија, Н.Ј., кој бил поранешен вработен во домот, заедно со уште едно лице, фрлиле запалива течност, при што настанал пожар. Повредени лица до моментот на пријавувањето нема, а пожарот е изгаснат од противпожарната единица Скопје. Полициски службеници се излезени на местото на настанот и се преземаат мерки за негово расчистување.

Полициска станица Валандово поднесе кривична пријава против Л.Р. (21) од Р.Србија, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот’’. На 04.11.2022 околу 14.20 часот во с.Удово, на бензинска пумпа, било констатирано дека пријавениот со патничко возило, во кое превезувал четворица мигранти, предизвикал сообраќајна незгода.

На 11.11.2022 во 03.00 часот К.И.(22) од Скопје, пријавил дека околу 02.45 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Д.П.(25) од Скопје и неколку други лица, при што бил употребен и стаклен предмет. Се работи на расчистување на случајот.

На 10.11.2022 во 21.00 часот Д.А.(40) од с.Огњанци пријавила дека околу 17.55 часот во автобус број 62, на почетната автобуска станица во с.Огњанци, по претходно недоразбирање, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно лице од с.Идризово. Се работи на расчистување на случајот.

На 10.11.2022 во 19.30 часот М.Р.(26) од Скопје пријавил дека на 09.11.2022 околу 16.00 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од П.С.. Се работи на расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.С.(17) од село Чегране, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 04.10.2022 во 13.30 часот во двор на средно училиште настанала физичка пресметка помеѓу пријавениот и С.Р.(18) од Р.Хрватска, со престој во с.Добридол, при што пријавениот со остар предмет се обидел да го повреди С.Р., но бил спречен.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ф.А.(47) од Куманово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 07.11.2022 во 14.30 часот полициски службеници извршиле претрес кај пријавениот и пронашле хероин.

На 10.11.2022 околу 18.30 часот во Полициска станица Карпош Б.Д.(40) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Карпош едно лице со закана и физичка сила ѝ одзел ташна со пари,  лични документи и предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Ј.(49) од Тетово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. На 02.03.2021 при извршен претрес во дом и помошни простории, сопственост на пријавениот, се пронајдени ловна пушка „ИЖ модел 43 Е 12 мм“, неважечка дозвола за носење и поседување на огнено оружје и шест куршуми од 12 мм.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.Ш.(20) од Струмица, поради постоење основано сомнение дека на 05.11 и 06.11.2022 во с.Иловица извршил обљуба врз малолетничка, со која бил во љубовна врска.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Ј.С.(63) од Делчево, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“. На 16.10.2022 пријавениот од својот профил на социјална мрежа му испратил порака со заканувачка содржина на профилот на Д.С.(40) од Делчево.

На 10.11.2022 во 15.15 часот во СВР Куманово е пријавено дека во Општата болница Куманово е донесен И.С.(23) од с.Ропаљце, Липково, со тешка телесна повреда од огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Х.Р.(47), поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело ,,вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 22.09.2022 околу 06.45 часот на ул.„Браќа Ѓиноски“, полициски службеници при контрола на комбе „форд транзит“, управувано од пријавениот, било констатирано дека врши јавен превоз на патници без лиценца. дма/сст/

Остани поврзан