• сабота, 23 ноември 2024

Маричиќ: Преговорите со ЕУ го прават квалитетно и безбедно македонското рибарство

Маричиќ: Преговорите со ЕУ го прават квалитетно и безбедно македонското рибарство

Брисел, 26 октомври 2023 (МИА) - Развојот на политиките и степенот на усогласеност на македонското со законодавството ЕУ во секторот рибарство, ќе биде во фокусот на агендата на состанокот од билатералниот скрининг за Поглавје 13 - „Рибарство“, што денеска и утре се одржува во Брисел.  

- Со достигнување на стандардите во ова поглавје ќе бидеме подготвени да повлекуваме пари од структурните фондови на ЕУ наменети за рибарство, наведе вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во објава на Фејсбук. 

Тој потенцира дека иако нашата држава нема излез на море и има само внатрешен езерски риболов и аквакултура, важно е да ги усвои стандардите поврзани со оваа област и на тој начин да ја отвори можноста граѓаните кои се занимаваат со риболов на вистински начин да станат поконкурентни за извоз на европскиот, но и на регионалниот пазар. 

-Да ја искористиме можноста што ја нуди членството во ЕУ и системски да ја регулираме оваа област, за економско, еколошко и социјално одржливо рибарство, по европски стандарди и прописи, додаде Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ престојува во работна посета на Брисел, во чии рамки учествуваше на Форум „Глобална порта“, каде имаше обраќање на лидерската сесија за образование и истражување „Посилни заедно преку одржливи инвестиции“. Се сретна и со претставници на Европската комисија на кои главни теми беа актуелните политички настани во земјата, скрининг процесот, очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот,  посветеноста на ЕУ да се создаде погодна средина за нејзино проширување до 2030 година, како и подготвеноста на Унијата дополнително да го унапреди преговарачкиот процес со Северна Македонија и регионот во наредниот период, што ќе даде јасни и видливи резултати во приближувањето кон блокот.   

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Маричиќ изминативе два дена се сретна со еврокомесарите за проширување и за буџет и администрација, Оливер Вархеји и Јоханес Хан, како и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан.Копман, а во вторникот и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду.   

Актуелните политички настани во земјава, текот на скрининг процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година, беа главни теми на денешната средба во Брисел н

- Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, порача Маричиќ. 

Според најавите до крајот на работната посета на Брисел, Маричиќ ќе одржи и брифинг со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА), како и работен состанок со в.д. директорката за Западен Балкан во ДГ НЕАР, Микела Матуела, на кој тема на разговор ќе биде текот на скрининг процесот и подготовката на стратешките документи – Патокази, кои се наша обврска за отворање на Кластерот 1 - „Фундаментални вредности“. сп/лв/

Фото: Фејсбук/МИА Архива 

 

Остани поврзан