• понеделник, 23 декември 2024

Маринакис: Не постои опасност за Грција од ненадеен голем мигрантски бран

Маринакис: Не постои опасност за Грција од ненадеен голем мигрантски бран

Атина, 16 октомври 2024 (МИА) – Не постои никаква опасност за Грција ненадејно да прими десетици илјади мигранти и сето она што се пишуваше и зборуваше во последните месеци, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервјуто за државното радио ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис објасни дека поради ситуацијата на Блискиот Исток потребна е будност не само во Грција, туку и во Европа и посочи дека од писмото на фон дер Лајен до членките на ЕУ се гледа „колку се оправдани грчките позиции формулирани во последните години од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис“.

- Грција кажа многу конкретни работи за миграцијата. Зборуваше за потребата да се подели товарот, да се поддржат земјите на прием, на маса стави конкретни формулации кои беа усвоени со последниот пакт за миграција и азил, кој е обврзувачки за сите држави во Европската унија. Значи, во моментов постои нешто што е договорено, секако дека има зголемена загриженост, објасни портпаролот на грчката Влада.

Во однос на информациите дека ќе се изгради центар за прием и сместување на бегалци или мигранти на островот Крит, објасни дека станува збор за привремено сместување што ќе трае од два до пет дена со цел да се регистрираат и идентификуваат оние кои пристигнуваат.

За кипарското прашање по синоќешната неформална трилатерална средба во Њујорк, Маринакис го изрази „задоволството на грчката Влада за одново започнување на разговорите, иако на неформално ниво“, објаснувајќи дека Министерство за надворешни работи на Грција „направи голем напор, во добра соработка со Република Кипар за да стигнеме до оваа точка“ и додаде дека ѝ стојат на располагање на Организацијата на Обединетите нации за можни следни чекори или потези. ср/

Остани поврзан