• понеделник, 23 декември 2024

Маринакис: Европскиот пат на Северна Македонија поминува низ Грција

Маринакис: Европскиот пат на Северна Македонија поминува низ Грција

Атина, 11 јули 2024 (МИА) – Владата и премиерот Кирјакос Мицотакис следат одговорна надворешна политика и без заобиколувања велиме дека европскиот пат на Северна Македонија поминува низ Грција и очигледно, ако не го сменат начинот на кој ги третираат меѓународните договори нема да одат напред, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Владиниот портпарол на почетокот на брифингот го посочи она што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го споменал за време на неговото учество на НАТО Самитот во однос на Договорот од Преспа, „нагласувајќи дека неговата целосна имплементација е неопходна за НАТО Алијансата и за Западен Балкан“.

- Исто така, предупреди дека неговото прекршување или селективното почитување не само што го поткопува кредибилитетот на сите напори за решавање на отворените прашања во Западен Балкан, туку и ја загрозува безбедноста во поширокиот регион, рече Маринакис и додаде дека Мицотакис во неговото обраќање посочил и дека „Pacta sunt servanda“, односно дека договорите мора да се почитуваат.

Владиниот портпарол потсети дека Нова демократија не гласаше за Договорот од Преспа, бидејќи, како што рече, содржи пропусти во заштитните мерки и одредбите.

- Позиција која, денес всушност е оправдана. Затоа и не ги ратификувавме протоколите што произлегуваат од Договорот, ниту ќе го сториме тоа, доколку соседната земја не се усогласи со обврските што ги презеде. Сепак, очигледно е дека напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори. И сè додека нашите соседи не го сфатат тоа, нивната европска перспектива ќе остане затворена, рече Маринакис.

Премиерите на двете земји, иако учествуваа на исти настани на НАТО Самитот во Вашингтон, сепак не остварија билатерална средба, нешто што секако не беше претходно најавено, а дописничката на МИА од Атина побара одговор од Маринакис зошто Мицкоски и Мицотакис не се сретнаа. 

- Она што знам е дека не се одржа средба, не знам нешто повеќе да ви кажам, кусо одговори портпаролот на грчката Влада.

Од вчера, во грчките медиуми актуелна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за време на Самитот, поради употребата на името Македонија, нешто за што реагираа и од опозициската СИРИЗА, коментирајќи дека станува збор за прекршување на Договорот од Преспа и ја повикаа грчката Влада „да се разбуди од дипломатскиот сон“ и да ја блокира ЕУ перспективата на земјата. 

-СИРИЗА недвосмислено го осудува новото прекршување на Договорот од Преспа од страна на премиерот на Република Северна Македонија, господинот Мицкоски, за време на Самитот на НАТО и ја повикува Владата на Мицотакис конечно да се разбуди од дипломатската летаргија во која западна и да ги преземе предвидените дејствија, со цел Владата на Северна Македонија да се соочи со своите одговорности, соопштија од грчката опозициска партија. 

Паралелно упатија критики до актуелната грчка Влада дека е одговорна за „оваа штета на националните интереси, во име на нејзината неодговорна надворешна политика“, затоа што во изминатите години, како што велат,  избегнала „секакво активно вклучување во Договорот за да ги одржи внатрепартиските рамнотежи“, но и дека не ги ратификуваше меморандумите и дека не беа потпишани нови. 

Дополнително, го повикаа Мицкоски „конечно да се помири со меѓународното право и реалноста“, а од Мицотакис побараа „да се мобилизира и да соопшти блокирање на европската перспектива на Северна Македонија додека не се усогласи со Договорот“.

Коментирајќи ги ставовите на СИРИЗА, Маринакис на брифингот со новинарите рече дека „говориме за параноја“, бидејќи како што посочи, „партијата што пред неколку седмици бараше ратификација на меморандумите што произлегуваат од Договорот од Преспа, меѓу кои и оној што се однесува на европската интеграција на Северна Македонија, сега истата партија бара од грчката Влада да ја спречи европската интеграција на Северна Македонија“. ср/са/

 

Остани поврзан