• четврток, 20 февруари 2025

Макрон и Зеленски: Цврсти безбедносни гаранции се клуч за траен мир во Украина

Макрон и Зеленски: Цврсти безбедносни гаранции се клуч за траен мир во Украина

Париз, 18 февруари 2025 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека разговарал телефонски со неговиот француски колега Емануел Макрон за безбедносните гаранции за Украина и за постигнување траен мир.

„Споделуваме заедничка визија – безбедносните гаранции треба да бидат цврсти и веродостојни“, напиша Зеленски на мрежата Икс (поранешен Твитер). „Секое друго решение без такви гаранции – како на пример кревко примирје – ќе биде само уште еден тактички маневр на Русија за одвлекување на вниманието и вовед во нова руска војна против Украина или други европски земји“.

Според Зеленски, Макрон го информирал за разговорите што ги водел не само со европските лидери, туку и со други меѓународни партнери.

„Се договоривме да останеме во постојан контакт во пресрет на важните одлуки што претстојат. Постигнувањето одржлив и траен мир е неопходност, а тоа може да се оствари само со силни безбедносни гаранции“, нагласи украинскиот претседател.

Францускиот претседател, исто така, преку Икс информираше за разговорот со Зеленски. Двајцата лидери потврдија дека телефонската комуникација се одржала по синоќешниот состанок на европските лидери во Париз, на кој се разговараше за прашања од европската и меѓународната агенда, вклучително и безбедносните гаранции за Киев.

Макрон дополнително објасни дека синоќа, освен со Зеленски, имал и телефонски разговор со неговиот американски колега Доналд Трамп.

„Работата ќе продолжи врз основа на предлозите на Европската комисија, како во однос на поддршката за Украина, така и во насока на инвестиции во нашата одбрана“, изјави францускиот претседател, додавајќи дека овие дискусии ќе продолжат и во наредните денови.

На вчерашниот состанок во Париз, европските лидери се согласија дека Европа мора да инвестира повеќе во својата безбедност и да игра водечка улога во гарантирањето на сигурноста на Украина. Сепак, како што истакнаа по вонредните консултации во француската престолнина, соработката со Вашингтон останува клучна за постигнување мир во Украина.

Како синоќешните средби, така и телефонските разговори меѓу лидерите, се одржаа во пресрет на денешните руско-американски преговори за Украина во саудиската престолнина Ријад. ссм/

фото: архива

Остани поврзан