Ли апелира за поголема економска соработка помеѓу Кина и АСЕАН
- Премиерот на Кина, Ли Чијанг денеска на Самитот на Асоцијацијата на земји од Југоисточна Азија (АСЕАН) апелираше за поголема економска соработка на Пекинг со Југоисточна Азија
Ханој, 10 октомври 2024 (МИА) – Премиерот на Кина, Ли Чијанг денеска на Самитот на Асоцијацијата на земји од Југоисточна Азија (АСЕАН) апелираше за поголема економска соработка на Пекинг со Југоисточна Азија.
- Интензивирањето на трговските односи и создавање на пазари од ултра големи размери се клуч на економскиот просперитет. Глобалната економија и понатаму доживува бавно заздравување, расте протекционизмот, а геополитичките потреси донесоа нестабилност и неизвесност, посочи Ли.
Се очекува преговорите помеѓу АСЕАН и Кина за надградба на постоечкиот пакт да завршат следната година. Откако двете страни потпишаа договор за пазар од две милијарди луѓе во 2010 година, трговијата на АСЕАН со Кина минатата година се зголеми од 235,5 милијарди долари на 696,7 милијарди долари.
Кина е најголемиот трговски партнер на АСЕАН и нејзин трет по големина извор на странски инвестиции, што е клучна причина зошто Асоцијацијата не ги критикува активностите на Кина во Јужно Кинеско Море.
Кинеските и филипинските бродови оваа година неколку пати се судрија, а Виетнам минатата недела соопшти дека кинеските сили ги нападнале нивните рибари. Кина, исто така, испрати патролни бродови во областите за кои Индонезија и Малезија тврдат дека се нејзини зони.
Претседателот на Филипини, Фердинанд Маркос истакна дека соработката АСЕАН – Кина не може да се одвои од поморскиот спор. Тој побара приоритет на преговорите да биде кодексот за регулирање на однесувањето на море, со цел да се обезбеди мир.
Ли посочи дека Јужно Кинеско Море е „заеднички дом“ и оти Кина има обврска да го заштити својот суверенитет.
АСЕАН, е организација за политичка, економска и културна соработка помеѓу земји од Југоисточна Азија, формирана на 8 август 1967 година, на иницијатива на Индонезија, Малезија, Филипини, Сингапур и Тајланд. Подоцна им се приклучуваат Брунеи, Камбоџа, Лаос, Мјанмар и Виетнам. АСЕАН одржува самит секоја година во ноември, а комуникацијата се одвива на англиски јазик. ми/
фото: МИА архива