• понеделник, 10 март 2025

Лексикон „Странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950 година“ промовиран во Тетово

Лексикон „Странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950 година“ промовиран во Тетово
Тетово, 7 август 2022 (МИА) - Лексиконот „Странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950 година“ на авторите Влатко Милошевски и Зоран Андонов беше промовиран во Тетово.  На речиси 400 страници претставени се биографиите на 246 странски сликари и 590 фотографии од нивните дела создадени во Македонија во периодот помеѓу 1850 и 1950 година.

-Во Лексиконот се евидентирани околу 250 сликари во еден период од 100 години што за цивилизацијата е многу интересен и од уметничка гледна точка. Во тој период уметничките стилови се менуваат од  импресионизам, во кубизам, во експресионизам, па доаѓа модерна уметност. Од техничка гледна точка се открива телефонот, радиото, автомобилот, авионот. Од историска гледна точка за Македонија, тоа е  извонредно значаен временски период - почнуваат нашите комити да се борат, па доаѓаат Балканските војни, па Првата светска војна, па Втората светска војна. Правиме една комбинација на историја и култура на едно место, изјави Влатко Милошевски.

Наоѓањето на сликите создадени од странци во Македонија е негова идеја од  2004 година.  Тој собрал над 200 слики, а триесетина од нив  тетовци имаа можност да ги видат вчера на промоцијата на изданието.

-Сите слики се купени на аукции во Лондон, Париз, Берлин, Вашингтон, Њујорк. Една по една. Стапував во контакт со потомците на сликарите. И така прават приказна за една поинаква Македонија како тие ја виделе Македонија со свои очи.  За нив Македонија била многу интересна и необична земја, многу егзотична земја. Земја во која на едно место живеат разни култури, разни религии. Луѓето по пазарите зборувале три-четири јазици, во еден муабет вртеле од македонски, на албански, на влашки на турски и таа комбинација на култури била невидена за нив. Во сите дела преовладува тој мотив. Сцени од пазарите низ Македонија, портрети на македонски селани, луѓе, сцени од војните, изјави Милошевски.

Збирката на фотографии од овие слики Милошевски ја ставил на интернет, па дошле на идеја со новинарот и фотограф Зоран Андонов да се направи печатено издание и така се родила идејата за лексикон.

-Моја задача беше да направам балансираност на текстовите, тие беа собирани од различни страни - од енциклопедии, од каталози, од аукции, од библиотеки од каде не и требаше да се направи избалансираност, не само фактографски работи туку да има и нота интересна за читателите. Предизвик беше како да дојдеме до информации за овие сликари за нивниот престој во Македонија. Најдовме релевантни податоци, кога биле, како биле, по кој повод дошле во Македонија, резултат на таа истражувачка работа е овој лексикон со 400 страници, 246 биографии на сликари како и 590 фотографии има од тие сликари и нивни слики, изјави Андонов.

Во Лексиконот има и триесетина дела кои се насликани во Тетово. Лексиконот е помогнат од Министерството за култура како проект од национален интерес.ас/хс/

Остани поврзан