• вторник, 24 декември 2024

Лансирана првата паневропска комерцијална вселенска мисија 

Лансирана првата паневропска комерцијална вселенска мисија 

Брисел, 19 јануари 2024 (МИА) - Од вселенскиот центар „Кенеди“ на американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА) на Кејп Канаверал на Флорида минатата ноќ беше лансирана првата паневропска комерцијална вселенска мисија кон Меѓународната вселенска станица (МВС). 

Капсулата „СпејсИкс Кру Драгон“ со четиричлениот европски екипаж беше лансирана со ракетата „Фалкон 9“. Во состав на екипажот се италијанскиот воздухопловен полковник Валтер Виладеи, кој е и пилот на леталото, шведскиот авијатичар Маркус Ванд, припадникот на турските Воздухопловни сили, Алпер Гезеравџи, како и пензионираниот астронаут на НАСА, Мајкл Лопез-Алгерија, кој има двојно американско и шпанско државјанство и воедно е командант на летот. 

Предвидено е по 36-часовен лет, ракетата утре претпладне да пристигне до Меѓународната вселенска станица (МВС), каде веќе се наоѓа постојан седумчлен екипаж – тројца Руси, двајца Американци и по еден Јапонец и Данец. Мисијата на четворицата „гости“ на МВС предвидено е да трае две седмици.  

Инаку, ова е трет комерцијален лет организиран од тексашката компанија „Аксион“ во изминативе две години, со кој во орбитата на Земјата заминуваат астронаути спонзорирани од странски влади или приватни претпријатија. Во претходната мисија, лансирана лани во мај, во осумдневна мисија на МВС отпатуваа двајца Американци и двајца Саудијци, меѓу кои и биомедицинскиот научник Рајана Барнави, која стана првата Арапка што престојуваше во земјината орбита. 

„Билетот“ за лет во Вселената на „Аксион“ чини најмалку 55 милиони долари. 

Инаку, системите за лансирање на ракетите на „Аксион“ ги обезбедува компанијата „СпејсИкс“ на Илон Маск. сп/ 

Фото: Икс 

Остани поврзан