• петок, 23 август 2024

Курти бара од САД да ја притиснат Србија да го предаде одговорниот за нападот во Бањска, Радоичиќ

Курти бара од САД да ја притиснат Србија да го предаде одговорниот за нападот во Бањска, Радоичиќ

Приштина, 21 август 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е последен момент Србија да им го предаде на косовските правосудни органи Милан Радоичиќ, кој ја прифати одговорноста за терористичкиот напад во Бањска во Северно Косово на 24 септември 2023 година, кога беше убиен косовски полицаец и тројца од групата српски напаѓачи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на службата за информирање на Владата во Приштина, Курти барањето за предавање на Радоичиќ го изнел на средбата со американскиот сенатор Крис Марфи, на маргините на Националната конвенција на Демократската партија што се оржува во Чикаго.

Радоичиќ, кој е поранешен потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, призна дека стои зад терористичкиот напад во Бањска кај Звечан на 24 септември. По нападот, тој беше приведен во Србија, но надлежен српски суд по два дена го ослободи од притвор, со тоа што наводно му е одземена патната исправа и му е забрането да оди во Косово.

Курти побара од САД да извршат притисок врз Белград да го предаде Радоичиќ за во Косово да му се суди за терористички дејствија.

„Сега, кога поминаа 11 месеци од убиството на нашиот полициски наредник Африм Буњаку во Бањска кај Звечан, крајно време е главниот криминалец Милан Радоичиќ да им се предаде на правосудните органи на Косово, а за ова премиерот Курти побара САД да извршат притисок врз официјален Белград“, се вели во соопштението од косовската влада.

Во него се напоменува дека меѓу темите на разговорот на Курти со демократскиот сенатор, Марфи било и прашањето за дијалогот со Србија, при што Курти побарал целосно да се имплементираат Бриселскиот договор и Анексот договорен во Охрид.

Курти нагласил дека Србија треба да го потпише договорот како доказ и потврда дека истиот ќе го спроведе.

„Во однос на дијалогот со Србија, премиерот Курти ја истакна посветеноста на Косово за целосно спроведување на Основниот договор и Анексот за негово спроведување од Охрид. Тој додаде дека за да се спроведе договорот потребно е негово прифаќање и од Србија, со негово потпишување како доказ и гаранција за посветеност на спроведувањето на договорот. Премиерот Курти подвлече дека Србија треба да го повлече писмото што поранешната премиерка Брнабиќ во декември минатата година го испрати до Европската унија, преку кое се изразува отфрлањето и повлекувањето на Србија од договорот. Србија мора да се врати на договорот и да го почитува за да може да се спроведе. Нема имплементација на договорот затоа што, пред се, нема негово почитување“, соопштија од кабинетот на премиерот. иа/рп/

Остани поврзан