• сабота, 23 ноември 2024

Кузеска: Новите 26 мерки се целосно насочени во поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза

Кузеска: Новите 26 мерки се целосно насочени во поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза
Скопје, 10 март 2022
 
Граѓаните, сите ние, ги чувствуваме последиците од она што се случува на глобално ниво, значително растат трошоците за храна, нафта и други енергенси, како резултат на руската воена агресија.
Во услови на најголема економска и енергетска криза во којашто се наоѓа Европа и светот, со добри економски политики Владата предводена од СДСМ во континуитет презема мерки за заштита на стандардот на граѓаните и на економијата во целост.
Последниот сет од 26 мерки кој го донесе Владата е тежок 400 милиони евра и директно е насочен кон заштита на стандардот, намалување на трошоците, на цените на храната, на енергенсите а со тоа и куповната моќ на граѓаните.
Ќе споменам дел од клучните мерки:
Ја укинуваме целосно стапката на ДДВ за основните производи храна, на 0%. Лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, шеќерот, месото, јајцата и оризот се опфатени со оваа мерка.
Маржите на основните производи храна се замрзнати. Ги укинуваме царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи, и тоа од сите земји.
На овој начин го ублажуваме влијанието на ценовните шокови врз основните прехранбени производи.
Понатаму, ја намалуваме акцизата за горивата и го намалуваме ДДВ за енергенсите од 18 на 10%. Со оваа мерка која очекуваме да стапи на сила веднаш по усвојување на законите во Собранието, бензинот ќе поефтини за 11,5 денари а дизелот за 10 денари.
Дополнително, целосно ослободуваме од плаќање ДДВ при увоз на гас, електрична и топлинска енергија.
За ранливите граѓани воведуваме парични ваучери од 3.000 денари. Над 35 илјади граѓани ќе имаат директен бенефит од оваа мерка, што во време на глобална енергетска криза е добредојдена.
Новите 26 мерки се целосно насочени кон користење на сите ресурси на државата во поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза. Тоа е правилно и вистинско.
Остануваат мерките за субвенционирање на цената на парното и цената на струјата, а се пролонгира и важењето на мерката за намален ДДВ за струјата.
Почитувани граѓани,
Глобалната економска и енергетска криза сериозно влијае врз нашите животи, врз нашиот стандард и економијата, но Владата предводена од СДСМ има добри мерки и политики, и овие кризи заедно ќе ги премостиме.
Прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
__________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан