КУД „Бранко Чајка“-Тетово на манифестацијата „Опленачка берба“ во Топола, Србија
- КУД „Бранко Чајка“ кое делува при Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово викендов, од 6 до 8 октомври учествуваше на манифестацијата „Опленачка берба“ која традиционално се одржува во градот Топола, Република Србија. Манифестацијата е посветена на виното и грозјето, бидејќи овој дел од Шумадија е познат вински регион во Србија, а годинава се бележат јубилејни 60 години постоење.
Тетово, 9 октомври 2023 (МИА) – КУД „Бранко Чајка“ кое делува при Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово викендов, од 6 до 8 октомври учествуваше на манифестацијата „Опленачка берба“ која традиционално се одржува во градот Топола, Република Србија. Манифестацијата е посветена на виното и грозјето, бидејќи овој дел од Шумадија е познат вински регион во Србија, а годинава се бележат јубилејни 60 години постоење.
- КУД „Бранко Чајка“ од Тетово пред тамошната публика се претстави два пати и тоа во делот од програмата каде учествуваат детски фолклорни групи, како и во делот каде што учествуваат групи од Србија и регионот. Манифестацијата е од ревијален карактер и играорките од Тетово беа поздравени со голем аплауз. Пред публиката изведоа две ороводни песни од Тетово и три фрагменти од кореографски постановки, информираше Соња Андонов, претседателка на Здружението.
Во текот на трите денови, колку што трае манифестацијата, на етно штандовите се изложува овошје, грозје, вино и ракија, а богатото културно наследство на овој крај може да се запознае и низ изложба на стари занаети и ракотворби.
- Особена атракција претставува дефилето по улиците на Топола составена од сите учесници, предводена од двајца коњаници. На овој собир настапуваат фолклорни и пеачки групи кои изведуваат игри и песни од својот крај, истакна Андонов.
Бидејќи манифестацијата е посветена на грозјето и виното, покрај настапите, членовите на КУД „Бранко Чајка“ на посетителите им претставија и дел од производите на винаријата „Тиквеш“ од Кавадарци.ас/фф/
Фото: КУД „Бранко Чајка“-Тетово