• понеделник, 23 декември 2024

Крводарителска акција „Фондовско срце“

Крводарителска акција „Фондовско срце“

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Околу 60 вработени денеска даруваа крв на традиционалната крводарителска акција „Фондовско срце“ што се одржа во Фондот за здравствено осигурување. Во акцијата се вклучија и в.д. директорите на ФЗО Бранко Аџигогов и  Сашо Клековски.

Како што информира ФЗО, оваа институција останува промотор на крводарителството како најхуман чин во општеството.

- Особено сум горд на моите колеги кои оваа акција си ја прифатија како своја, како и поради фактот што акцијата е една од ретките активности за која нема никаква поделба по било кој основ. Би сакал да се заблагодарам на Црвениот крст, како и на Институтот за трансфузиона медицина. Сакам јавно да им заблагодарам на колешките кои активно учествуваа и учествуваат во организирање на оваа акција – Сања Стојчевска Абутиќ, Миранда Беќири, Катарина Наумовска и Емилија Младеновска. Оваа година со директорот Сашо одлучивме да ги поттикнеме вработените кои прв пат даруваат крв, вклучително и најмладите вработени да ги наградиме со симболична парична награда, изјави в.д. директорот на ФЗО Бранко Аџигогов.

Тој  најави дека следната 2025 година на роденденот на ФЗО, на 17 октомври, „Фондовско срце“ ќе се одвива и во најголемите подрачни служби на Фондот и ќе се овозможи да се пријавуваат и лица кои не се вработени.

- Секако, сето ова ќе биде спроведено со соодветна промотивна поддршка. Со оглед на фактот дека ФЗО е присутен во 30 градови и сместен во 31 објект, ќе се формира постојан комитет кој ќе може самостојно да се грижи за логистиката на оваа акција, појасни Аџигогов.

Клековски, пак, како што се наведува во соопштението, ја истакна сплотеностa на вработените во ФЗО при организирањето на оваа крводарителска акција. 

- Mе исполнува сплотеностa на вработените во ФЗО, кои без никаква наша помош, сами ја организираа и ја спроведоа оваа крводарителска акција. Следната крводарителска акција на роденденот на ФЗО ќе се спроведе на ниво на сите вработени во ФЗО, а директорот на ФЗО ќе биде покровител. Со ова се надевам ќе се внесе нов дух и ќе се воспостави како пракса не само за нас, туку и за сите идни директори, Клековски.  .

Оваа крводарителска акција почнала во 2013 и се одржува секоја година во просториите на Фондот за здравствено осигурување. Таа е пред се за вработените од Централата и ПС Скопје и се одржува кон крајот на октомври или почетокот на ноември. мд/са/

Фото: ФЗО 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан