• среда, 15 јануари 2025

Кос: Најмалку една земја кандидат ја постигнува целта во следните пет години, Црна Гора и Албанија фаворити (ДПЛ)

Кос: Најмалку една земја кандидат ја постигнува целта во следните пет години, Црна Гора и Албанија фаворити (ДПЛ)

Брисел, 14 јануари 2025 (МИА) - Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска изрази уверување дека за време на овој мандат на Европската комисија (2024-2029) најмалку една земја во процесот на проширување ќе стигне до „финишот“ и ќе се приклучи на ЕУ, оценувајќи дека во моментов лидери во процесот се - Црна Гора и Албанија.

-Црна Гора има визија да ги заврши преговорите до 2026 година, а Албанија до 2027 година. Ќе ги поддржиме, но потребна е многу работа. Принципот на процес заснован на заслуги треба да важи и за земјите кандидати и за земјите-членки на ЕУ, изјави таа во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).

Кос додаде дека штом кандидатите ќе ги исполнат критериумите, тогаш земјите од ЕУ треба да можат да продолжат напред.

Осврнувајќи се на усогласувањето на земјите кандидати со политиката на санкции на Европската унија, Кос рече дека ниту една земја која не е 100 отсто усогласена со Европската заедничка и безбедносна политика нема да може да се приклучи на Европската унија.

-Тоа е принципот што јас ќе го следам. Она што можеме да го земеме предвид е дека тоа не може да се случи за еден ден или да речеме за краток временски период. Значи, ние исто така многу внимателно ги следиме случувањата, изјави Кос.

Таа изрази и очекување дека ќе има напредок во процесот на нормализирање на односите по изборите во Косово, што ќе се одржат на 9 февруари и призна дека пристапот на идната американска администрација ќе влијае на европските ангажмани.

Во своето обраќање до АФЕТ, Кос рече и дека расположението за проширување сега е видливо попозитивно отколку во претходните години.

-За првпат по десет години, имаме реална перспектива дека за време на овој мандат можеме да донесеме барем една, според мене уште две или три земји до финишот, рече Кос.

Кос призна дека руската агресија против Украина отвори можност за натамошно проширување, но нагласи дека нема кратенки во процесот на членство.

-Нема да има политички „отстапки“. Процесот на проширување останува врз основа на заслуги, подвлече еврокомесарката. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан