Косовската царина годинава со рекордни приходи од над 1,5 милијарди евра
- Оваа бројка, според соопштението на Царината, бележи значителен пораст од 10,5 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Приштина, 7 ноември 2024 (МИА) – Косовската царина објави дека на почетокот на ноември годинава забележала најголем пораст на приходите, со наплата од над 1,5 милијарди евра, јави дописникот на МИА од Приштина.
Оваа бројка, според соопштението на Царината, бележи значителен пораст од 10,5 отсто во однос на истиот период од минатата година.
„Во првите единаесет месеци од 2023 година собраните приходи беа 1,36 милијарди евра, додека годинава (досега) се собрани 146,1 милион евра повеќе. Овој позитивен тренд, кој започна минатата година, продолжи да јакне и во 2024 година, потврдувајќи ја заложбата на Царината за максимализирање на приходите“, се наведува во соопштението.
Според Царината, на ова зголемување влијаело подобрувањето на царинските постапки, борбата против шверцот и зголемувањето на транспарентноста.