• петок, 26 јули 2024

Конференција: Квалитетот на високото образование е меѓу главните показатели за националната конкурентност

Конференција: Квалитетот на високото образование е меѓу главните показатели за националната конкурентност

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) - Скопје денеска е домаќин на министерска конференција посветена на обезбедување квалитет во високото образование во земјите од Западен Балкан, која Министерството за образование и наука ја организира со поддршка на Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа - ERI SEE.

Министрите за образование и наука на Северна Македонија и Црна Гора и претставници на министерствата од Србија и Литванија, како и над 80 други претставници на институции, образовни и научни установи од регионот и експерти од Европската Унија, дискутираат за предизвиците на високото образование во регионот и акцијата што треба да се преземе за подигнување на неговата конкурентност во пошироки рамки.

Учесниците се согласија дека е важно да се зацврстат релациите и низ соработка во рамки на регионот да бидат конкурентни на глобалниот образовен простор.

Конференцијата ја отвори министерот домаќин Јетон Шаќири, кој рече дека очекува да се усвојат заклучоци што ќе бидат патоказ за креирање на идните политики со кои ќе се подобри квалитетот на високото образование во секоја од земјите од регионот.

-Прашањето не е дали треба да се интервенира во високото образование, туку каква акција ни е потребна и таа да почне час поскоро, особено во земјите во развој, како категорија во која повеќето од нас припаѓаме. Образованието, вклучително и високото, е жива материја која постојано се менува. Зависи од бројни општествени и глобални фактори, трендови и движења и ние мора системите да ги прилагодуваме на промените кои се случуваат во сите други сфери и сегменти, истакна Шаќири.

Иако нашите високообразовни установи ги нема на ранг-листите со топ 500 универзитети во светот, Шаќири смета дека политиките што ги креира државата  „ќе го дадат очекуваниот ефект на среден, односно долг рок“, бидејќи, како што рече, Владата и МОН посветуваат големо внимание на квалитетот на високото образование, особено во последните неколку години. Притоа посочи на нови институции што не постоеја во минатото, а кои се формирани согласно Законот за високо образование од 2018 година - Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност и Агенција за квалитет во високото образование.

-Во моментов работиме на четири клучни стратешки документи кои одат во прилог на градењето квалитетен национален систем за високо образование и кои треба да бидат усвоени во 2025 година - национална програма и уредба за финансирање на високо образование, како и национална програма и уредба за финансирање на научно-истражувачка дејност, додаде Шаќири.

На конференцијата учествуваше Даглас Блексток, претседател на Европската асоцијација за квалитет на високото образование (ENQA), која застапува 46 агенции за обезбедување квалитет на образованието во Европа.

-Обезбедувањето квалитет е колаборативен процес и ги собира сите студенти и членови на академската заедница за да можеме, преку соработка,  да изградиме многу поквалитетно високо образование. Овде не сум само да споделам добри практики од другите држави, туку и да слушнам искуства од Западен Балкан, да научам како функционира системот и да ги употребам во својата идна работа, рече Блексток.

Директорката на Европскиот регистар за осигурување квалитет во високото образование (EQAR) Магали Соенен посочи дека им овозможуваат на националните агенции за обезбедување квалитет да се регистрираат кај нив, што значи дека ги исполнуваат европските стандарди и насоки за квалитет. 

-Оваа европска рамка е основа за соработка меѓу европските високообразовни установи и за признавање на дипломи и ние работиме на признавање дипломи ширум светот, рече Соенен. 

Министерот за образование на Црна Гора Миомир Војиновиќ нагласи иека прашањето на квалитет на високото образование е прашање на квалитетот на општеството воопшто.

-Сметам дека ова е можност не само за размена на искуства, туку да видиме и колку земјите од Западен Балкан успеале во она што на сите ни е  цел – да ги достигнеме европските стандарди во високото образование. Црна Гора во тој правец има постигнато соодветни чекори и денеска со своите колеги од останатите држави ќе ги споделиме нашите позитивни искуства и подготвени сме да слушнеме се што нашите земји од опкружувањето ни го нудат нам за заедно да тргнеме на патот кон европското демократско семејство кога се работи и за високото образование, изјави Војиновиќ. 

Според Александар Јовиќ, помошник министер за образование на Србија, сите земји од Западен Балкан се веќе дел од единствениот европски простор на високо образование, но мора, рече, да се фати чекорот со европските тенденции. 

-Сите наши агенции ја прилагодија својата работа на европските стандарди и насоки. Но тие фини усогласувања може да ги направиме само ако директно и постојано комуницираме со колегите од Европа и ако разменуваме искуства во рамки на нашиот Западен Балкан, рече Јовиќ.

За Србија рече дека интензивно работи на унапредување на квалитетот на високото образование, но и дека има простор за понатамошно унапредување.

-Она што нам ни недостига е натамошно негување на културата на квалитет во високото образование. Мислам дека одамна, кога бевме една голема земја, тоа го имавме, но сега ни е потребно повторно да ја воспоставиме таа одговорност на секој поединец кој работи во високото образование – секој наставник и секој студент, етички и професионално  да се однесува, а самото тоа понатаму ќе придонесе за развој на квалитет во високото образование, рече Јовиќ. 

Проф. Елен Хазелкорн од Технолошкиот универзитет во Даблин изјави дека квалитетот е еден од главните показатели за национална конкурентност и дека квалитетот на високообразовните установи е клучен фактор што ќе обезбеди успех во иднина. 

-Системот за обезбедување квалитет треба да одговори на промените што се случуваат не само во Западен Балкан, туку и пошироко и тој систем треба да осигури промени во високото образование. Потребните промените значат да се вметне култура на квалитет во сите ваши образовни институции и да се направат промени во начинот на осмислување на предавање и на оценување на наставните програми во вашите институции. Тие треба да соработуваат со сите општествени чинители, што ги вклучува и граѓанските организации и компаниите, рече Хазелкорн.

Тина Шариќ, директорка на Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа - ERI SEE, се заблагодари на МОН за довербата да бидат партнери во организирањето на министерската конференција на која, како што рече, се собрале не само како поединци, туку како колектив на Западниот Балкан „со заедничка посветеност да обезбедиме квалитет во високото образование во нашиот регион“.

-Ваквите конференции не се само собири, тие генерираат идеи и тие се катализатори на промена. Со оваа конференција сакаме да ги истражиме и да заклучиме што е во најдобриот интерес  во регионот на патот кон уште подобро високо образование. Ова е причината зошто во текот на конференцијата имаме неколку панели, работни сесии, простори за отворена дискусија и размена на идеи, и ова ќе резултира со конструктивни препораки за политики за понатамошен развој на високото образование на Западниот Балкан, рече Шариќ. 

Во рамки на Министерската конференција, нејзините учесници утре ќе ги посетат Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Меѓународниот балкански универзитет за да увидат како тие управуваат со промените во квалитетот на нивните институции. хс/ац/ 

Фото: МИА 

Остани поврзан