• сабота, 09 ноември 2024

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ од Кочани ќе ги зголеми капацитетите и бројот на вработени

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ од Кочани ќе ги зголеми капацитетите и бројот на вработени

Кочани, 7 февруари 2024 (МИА) – Обемот на производство и бројот на вработени во компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ од Кочани ќе се зголеми од идниот месец со отворање нов капацитет во кој ќе се произведуваат кабли за уреди во медицината.

Се работи за инвестиција за која се бараат нови работници, а каде ќе бидат ангажирани оператори во производство, инженери, менаџери и други високостручни млади кадри. Заедно со другите осум работни единици компанијата ќе достигне вкупно три илјади вработени.

-Во март ќе почне со работа и новата бизнис единица Bernd Richter GmbH, што ќе биде деветта по ред во „Амфенол Технолоџи Македонија“. Во новиот погон ќе се произведуваат кабли за медицинска опрема, со што освен во автомобилската индустрија, телекомуникациските и електросистемите, влегуваме во нова производна област. Со тоа ќе го продолжиме диверзитетот и разноликоста во дејноста, што е една од најголемите предности на компанијата. Повисоките плати во споредба со оние во јавната администрација и другите дејности, како и можностите за напредување на работното место и градење успешна кариера, се причините поради кои, покрај млади кадри, очекуваме да аплицираат и лица од целиот источен регион со долгодишно работно искуство во своите струки, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“.

Од почетокот на годината компанијата обезбедила ново покачување на платите, а продолжува и со дополнителното приватно здравствено осигурување за сите вработени.

Со вкупен приход од над 9,2 милијарди денари во 2022 година, кочанската компанија се најде меѓу најголемите 30 во државата, а целта на раководниот тим на „Амфенол“ е да продолжи и зголемувањето на добивката што во истиот период изнесуваше повеќе од 340 милиони денари. та/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан