• сабота, 23 ноември 2024

Комисијата за економски прашања на натамошна собраниска постапка го проследи Предлог-законот за Национална развојна стратегија

Комисијата за економски прашања на натамошна собраниска постапка го проследи Предлог-законот за Национална развојна стратегија

Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) – Собраниската Комисија за економски прашања на денешната седница го разгледа Предлог-законот за Национална развојна стратегија по скратена постапка, поднесен од координаторите на пратеничките групи во Собранието од власта и од опозицијата, и консензуално одлучи да го проследи на натамошна постапка во Собранието.

Претходно, Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи ја потребата од носењето на ова законско решение, рече дека иако е по скратена постапка помина низ долгорочен процес за негова изработка. Со негово донесување, потенцира, ќе се отвори патот за донесување на Националната развојна стратегија како хиерархиски највисок долгорочен стратегиски плански документ за развој на државата со што ќе се спречи одлвот на младите кадри од земјава.

-Националната развојна стратегија ќе претставува сеопфатен документ за економскиот, социјалниот, еколошкиот и културниот развој кој ќе има за цел да обезбеди позитивна средина за национален консензус, долгорочни развојни приоритети, како и олеснување на политичкиот дијалог за стратешките цели кои треба да ги решат клучните предизвици на државата во следните 20 години, рече Мицевски.

Нагласи дека реализацијата на Националната развојна стратегија ќе се одвива преку шест клучни стратешки области – одржлива, иновативна и конкурентна економија; одржлив локален и регионален развој кој обезбедува кохезија; демографска ревитализација и социјален и културен развој; сигурно, безбедно и отворено општество; владеење на правото и добро управување; зелена трансформација.

Посочи дека за предложеното законско решение се одржани неколку јавни расправи во Собранието преку Комисијата за локална самоуправа, Комисијата за финансирање и буџет и комисиите за економски и европски прашања. Се заблагодари за поддршката од УНДП, кои, како што кажа, максимално се вклучија во изработката на Националната развојна стратегија при што се организиран над 40 визионерски работилници со учество на повеќе од 5.000 граѓани, над 250 претставници од сите министерства и агенции. Одржани се и повеќе од 10 експертски дебати со учество на над 200 експерти и активно учество на повеќе од 50 пратенци од власта и опозицијата, како и сите стопански комори и нивните членови, младите и младинските организации, ранливи и маргинализирани групи, граѓански организации и градоначалници.  

Претседателот на Комисијата Диме Велковски од СДСМ посочи дека Националната развојна стратегија ќе ги стави контурите и ќе прецизира како и на кој начин ќе треба да се развива државата во наредните 20 години. Стратегијата, како што кажа, се темели на искуствата на Словенија, Хрватска, Полска и Естонија.

За оваа точка на дневен ред беше поднесен еден амандман од пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ со кој, како што истакна во образложението, се врши усогласување на предложената одредба во однос на правилно повикување за мандатот за членовите на Националниот совет за развој кои Владата ги именува за период од три години. Амандманот беше прифатен од предлагачите и усвоен едногласно со 11 гласови од сите членови на Комисијата.вј/ев/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан