• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Со економските мерки спречивме ценовен шок и ги помагаме граѓаните

Ковачевски: Со економските мерки спречивме ценовен шок и ги помагаме граѓаните
Скопје, 1 април 2022 (МИА) - За сите антикризни мерки на Владата направивме анализа, која ќе биде објавена и која ќе ги покаже нивните ефекти врз стандардот на граѓаните. Доколку не беше мерката за намалување на ДДВ на основните продукти, граѓаните ќе плаќаа 1500 денари повеќе месечно и доколку не се субвенционираше струјата, сметките ќе беа за 2150 денари повисоки, вели премиерот Димитар Ковачевски. Тој вечерва во емисијата „360 степени“ на Алсат М, посочи дека со антикризните мерки се влијаеше за граѓаните да не почувствуваат шокови од кризите кои го зафатија целиот свет. Премиерот додаде дека и само од намалувањето на ДДВ на енергенсите, односно на нафтата, граѓаните заштедуваат по 300 денари. Тој кажа дека за најранливите 35 илјади граѓани се обезбедени по 1000 денари дополнително за храна, се зголеми пензијата на пензионерите, како и минималната плата за најмалку платените работници. Премиерот кажа дека со намалувањето на ДДВ од 5 на 0 проценти на основните продукти граѓаните месечно штедат по 1500 денари во просек, додека пак со субвенционирањето на струјата, сметките на граѓаните се за 2150 денари пониски. -Уште при креирањето на Буџетот за 2022 година, знаејќи дека ќе има енергетска криза предвидени беа 130 милиони евра за справување со кризата. Освен тоа се намалија и тековните трошоци за осум проценти, за работи кои не мора да се трошат во време на криза, изјави Ковачевски. Тој додаде дека сите финансирања се предвидени во Буџетот за оваа година, со дефицит кој е јавно покажан и изгласан во Собранието, како и изворите од кои тој дефицит се финансира. -Уште се одржуваме на предвиденото ниво и на предвидените задолжувања кои ќе бидат со државни записи, хартии од вредност, дел ќе бидат и со еврообврзница од 250 милиони евра, која е предвидена. Овие задолжувања не само што ќе го покријат предвидениот дефицит, туку ќе се покријат и ануитетите за кредитите земени од државата од порано, како и за каматите на тие кредити, изјави Ковачевски. Тој додаде дека целиот буџет е во рамки на среднорочните проекции, кои се направени за до 2026 година. Како што кажа премиерот Ковачевски, се предвидува оваа година јавниот долг да достгине 63 проценти, а потоа до 2026 година да се спушти под 60 проценти. дма/  

Остани поврзан