• недела, 22 декември 2024

Ковачевски: Лидерска средба може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтеграциите

Ковачевски: Лидерска средба може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтеграциите

Скопје, 31 август 2023 (МИА) – Исклучително е значајно за државата да го продолжи своето евро интегрирање од економски аспект и од аспект на геостратешко позиционирање. Сметам дека ги застапуваме западните вредности и дека тоа треба да го валоризираме со членство во Европската Унија пред се заради нашите граѓани. Затоа разговорите ќе продолжат на сите нивоа со цел да се обезбеди поддршка на овој исклучително значаен процес, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Лидерска средба може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтеграциите на која ќе се разговара за аргументите, а пратениците и онака секојдневно имаат директна комуникација во Собранието. Ние не бараме поддршка за Владата и мене не ми треба поддршка од опозицијата за мене лично. Опозицијата постои за да не го поддржува премиерот и да не ја поддржуваат Владата, но има одговорност да ја поддржи визијата, целта и стратегијата на граѓаните и на државата во кој правец ќе се движи, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешното пуштање  во работа на нов објект на градинка во општина Карпош.

Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ досега не поддржала ни една стратешка одлука на државата и додаде дека токму сега е моментот кога треба да се охрабрат барем еднаш да поддржат стратешка одлука со која, како што кажа, ќе се обезбеди подобра иднина за граѓаните. Оцени дека последната лидерска средба беше успешна.

-Но, она што беше јавно кажано на прес-конференцијата подоцна не беше и финално потврдено од телата на ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ, ДУИ и  другите во владината коалиција кои со свои одлуки точно го потврдија тоа што беше кажано на таа лидерска средба, рече Ковачевски.

Истакна дека и од Европската комисија го поздравуваат почнувањето на процесот за уставни измени во државата.

-За уставните измени нема никакви коментари во однос на содржината на амандманите, бидејќи не задираат во ниту едно идентитетско прашање на македонскиот народ, туку напротив го зацврстуваат мултиетничкиот карактер на државата. Со нив за првпат се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и другите народи, вклучително и бугарскиот народ што досега не било направено често пати не по наша волја, туку по волја на нашите соседи, потенцира Ковачевски.вј/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан