• сабота, 21 декември 2024

Коалицијата „Вреди“ со завршен митинг во Тетово, Касами најави промена на власта на централно ниво како што се направи на локално ниво

Коалицијата „Вреди“ со завршен митинг во Тетово, Касами најави промена на власта на централно ниво како што се направи на локално ниво

Тетово, 6 мај 2024 (МИА) - Албанската опозициска Коалицијата „Вреди“ со митинг во Тетово ја заврши предизборната кампања во пресрет на изборите за пратеници на 8 мај. Лидерите на политички партии од Коалицијата, од Тетово порачаа дека очекуваат поддршка за промена на досегашната власт.

Претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами порача дека на 8 мај ќе се казни власта поради лошото раководење.

-Казнувањето на власта што лошо управуваше е наша должност. Затоа сакам да испратам порака до сите службеници во администрацијата и оние што до сега им служеа на Албанците со чесност, на 8 мај, излезете и гласајте за промената што „Вреди“. Не се плашете од заканите на полицијата на ДУИ, од нивните министри и функционери, бидејќи на 9-ти мај за сите тие закани ќе одговараат, ќе одговараат и за нивните антиграѓански и антиправни дејства. Ние заедно со одлучност ја направивме промената во општините, а на 8 мај ќе ја направиме и на централно ниво. Иднината и припаѓа на Коалицијата „Вреди“. Коалицијата „Вреди“ ќе биде неизбежно во владата, како гарант за правата и напредокот на Албанците, истакна Касами.

Арбен Таравари кој беше претседателски кандидат на албанската опозицја, но не влезе во вториот круг, вети повеќе работа како дел од централната власт.

-Ако ме прашате дали сме уморни, признавам да, малку. Ве изморивме и вас реално, со дозвола или без дозвола сме тропнале на секоја врата, но вашето добредојде беше невообичаено. Ќе ветам јавно, дека кога ќе ја правиме владата набрзо, ќе трчаме уште посилно, нема да седиме во фотелјите, туку ќе работиме за вас, што ни ги отворивте вратите кога дојдовме без да тропнеме. Јас имав понуда од Али Ахмети, но ја одбив и јас избрав да бидам со вас и горд сум што го направив овој избор, истакна Таравари.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши со порака дека никого нема да излажат.

-Вечерва пред вас сум со чист образ. Јас ги слушав вашите молби затоа им пружив рака на Биљал, Таравари, Изет. Кога ние се обединивме нема никакво оправдување да не одиме напред, посочи Гаши.

Изет Меџити од Демократско движење рече дека нема ниту една победа без печатот на дијаспората.

-Вечерва од овде ќе го прашам Али Ахмети дали си се запрашал некогаш себе си, зошто ја напуштија твојата партија најдобрите луѓе, најдобри соработници, најлојалните, и те оставија сам со Артан и неговите деструктивни идеи? Дали си се запрашал некогаш што се случи со ДУИ? Таа партија беше еманципирана и прогресивна, која сите ние ја изградивме, рече Меџити.

Кандидатот за пратеник Беким Ќоку порача дека дошол денот Али Ахмети да оди во опозиција, затоа што му дошло крај на трпението на граѓаните. ас/вг/

фото: Коалиција Вреди 
 

 

 

Остани поврзан