• вторник, 21 април 2026

ПП Левица: Од обвинувања за перење пари до поддршка - каде е реакцијата на „конзистентното“ ДПМНЕ против предлогот Мери Дика за уставен судија

ПП Левица: Од обвинувања за перење пари до поддршка - каде е реакцијата на „конзистентното“ ДПМНЕ против предлогот Мери Дика за уставен судија

21 април 2026

Неодамна, ДПМНЕ настапуваше со висок степен на сигурност и без резерви ја вградуваше Мери Дика Георгиевска во сопствениот наратив за компромитирано правосудство. Јавно именувана, роднински и директно поврзувана во контекст на случајот „Рекет”, таа беше дел од аргументацијата со која се градеше тезата за систем во кој довербата е сведена на симболични проценти. Тогашната реторика не беше условна, туку категорична и пресудувачка, се вели во соопштението од ПП Левица, што МИА го пренесува интегрално.

Неколку години подоцна, истиот субјект, Мери Дика - се појавува како предлог за уставен судија, позиција која, по својата природа, претпоставува висок степен на професионален интегритет и законски статус на ʼистакнат правникʼ.

Во таа точка, логиката на континуитет би наметнала најмалку три чекори - повторно артикулирање на претходните ставови, проверка на нивната релевантност во новиот контекст и јасно позиционирање во однос на предлогот на Судскиот совет. ДПМНЕ не само што не го повторува кажаното, туку се однесува како да не постои обврска да го адресира сопствениот јавен запис.

Формулата за 2% доверба беше темел на политичка позиција. Денес, кога токму преку институционален процес се предлага лице кое претходно било дел од таа критика, би се очекувала барем минимална конзистентност, потврда на претходниот став, или негово аргументирано напуштање. Наместо тоа, следи прифаќање преку МОЛК.

Отсуството на реакција кон Судскиот совет дополнително ја нагласува оваа трансформација. Институцијата која до неодамна беше предмет на политички притисок и јавна критика, денес не предизвикува ни формално преиспитување на нејзините предлози од страна на власта на ДПМНЕ. Во таква поставеност, се наметнува впечаток дека критериумите не се напуштени, туку се ставени во мирување, во зависност од политичката позиција и активирање на „тефтерчето”.

Мери Дика го осветлува начинот на кој ДПМНЕ се однесува кон сопствените изјави - од категорично тврдење, до целосно повлекување без објаснување. Презентираат модел во кој политичкиот говор се третира како алатка со ограничен рок на употреба.

Оттука, јавно ги прашуваме:

До каде е прес-конференцијата на ДПМНЕ против предложената уставна судијка Мери Дика?

Дали јавноста сега ќе види критика за предлагачот на истата (Судскиот совет) од страна на ДПМНЕ?

ПП Левица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан