• петок, 27 декември 2024

Кинотеката ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

Кинотеката ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Со промоција на книгата „Иницијација и покајание – доминантни топоси во наративниот дискурс на рускиот филм во XXI век“ на Атанас Чупоски и со презентација на блуреј-изданието на првиот македонски игран филм „Фросина“ на Воислав Нановиќ, Кинотеката денеска ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство. „Иницијација и покајание…“, во издание на Кинотеката, е филмско-теориско истражување на Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката. Низ дванаесет поглавја, во интермедијална релација се поврзуваат сакралните наративи карактеристични за древните општества, аспектите на духовниот живот во православието, аспектите на раскажувачките техники во разни медиуми, со современиот јазик на филмот. Текстот е интегрална верзија на истоимената докторска дисертација на Чупоски, работена под менторство на проф. д-р Маја Бојаџиевска и проф. д-р Славица Србиновска, одбранета во 2017 година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Лидија Стојановиќ-Лафазановска и директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, кој е и уредник на изданието. На одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, Кинотеката ќе го претстави и блуреј-изданието од првиот македонски игран филм „Фросина“ објавено годинава по повод 70 години од премиерата на филмот. „Фросина“ е снимен во 1952 година по сценарио на Владо Малески и во режија на Војислав Нановиќ, во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“. Премиерата на „Фросина“ била на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“. Филмот е снимен во црно-бела техника на 35-мм лента, со времетраење од 79 минути. Жанрот на филмот е социјална драма за егзистенцијата и печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедија на една мајка која го губи синот единец. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а во другите улоги играат Ацо Јовановски (Климе), Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски… Директор на фотографија е Киро Билбиловски, композитор на музиката е Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија - Трајче Попов. Филмот „Фросина“ минатата година беше дигитално реставриран во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб. Кинотеката по повод седум децении од филмот објави и  дигитализираното издание (ПДФ формат) од зборникот текстови од симпозиумот на тема „Фросина – првиот македонски игран филм“, одржан во мај 1989 година, на кој учествувале голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници... Сите излагања на симпозиумот, заедно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебно печатено издание на Кинотеката, кое денес на нејзината веб-страница е достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија. Светскиот ден на аудиовизуелното наследство е востановен од УНЕСКО. Аудиовизуелните архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки) од целиот свет го одбележуваат со организација на проекции, изложби, дискусии итн. – со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на аудиовизуелните материјали и нивното значење за колективната меморија. хс/нд/  

Остани поврзан