Керолајн Кенеди: Роберт Ф. Кенеди Помладиот е зависник од внимание и моќ
- Ќерката на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди, Керолајн го критикува нејзиниот роднина Роберт Ф. Кенеди Помладиот, нарекувајќи го „предатор“
Вашингтон, 29 јануари 2025 (МИА) – Ќерката на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди, Керолајн го критикува нејзиниот роднина Роберт Ф. Кенеди Помладиот, нарекувајќи го „предатор“.
Керолајн вчера испрати писмо до сенаторите пред денешното сослушување на Роберт Ф. Кенеди помладиот во Сенатот, каде треба да биде потврдена неговата функција секретар на Министерството за здравство и човекови услуги. Таа во писмото наведува дека тој е номиниран за „огромна одговорност“ и оти не е квалификуван за функцијата.
- Задоволство ми е да зборувам, сега кога Роберт Кенеди Помладиот е номиниран за позиција што би го поставила на чело на здравјето на американскиот народ, истакнува Керолајн Кенеди, додавајќи оти цел живот го познава Роберт и оти не е изненадување што тој чувал птици грабливки како домашни миленици, бидејќи, според нејзините зборови, и самиот бил „предатор“.
Поранешната амбасадорка на САД во Австралија и во Јапонија го критикува братучедот дека е „зависен од внимание и моќ“ и тврди дека „го користи очајот на родителите на болните деца“, вакцинирајќи ги своите деца додека ги поттикнувал родителите да не го прават тоа.
Керолајн во писмото наведува и вознемирувачки детали за неговото однесување кон животните, вклучително и тврдењата дека чувал дрога во подрумот и гаражата и дека често „ставал пилиња и глувци во блендер за да ги нахрани своите јастреби“.
Керолин Кенеди во писмото посочува дека американскиот здравствен систем „заслужува подобро од Роберт Ф. Кенеди Помладиот“. ми/
фото: Википедија