• сабота, 23 ноември 2024

Касами: Новиот водоснабдителен систем има можност за нови количини вода

Касами: Новиот водоснабдителен систем има можност за нови количини вода

Тетово, 11 ноември 2022 (МИА) - Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, вели дека е направена анализа за проблемите со новиот водоснабдителен систем од Лешница, иако тоа не беше споменато во отчетот по повод една година владеење. Тој во декември 2021 најави дека во 2022 ќе има студија и санација на новиот водовод како долготрајно решение. На новинарско прашање зошто немало анализа, рече дека не може да се каже дека немало. Не кажа колку и какви проблеми покажала таа анализа, туку кои се можностите од тој систем во иднина.

-Имаше увиден еден проблем кој во рекордно беше саниран и сега ние сме уверени од луѓето од ЈКП дека оваа зима водоводниот систем од Лешница нема да се отвори. Исто така при таа анализа е утврдено дека има можност во средина на тој водовод, кој е долг 20 километри, да се добијат нови количини на вода да се стават во системот, за кој веќе е дадено налог да се подготви проект да се види да се зголеми приливот на вода од Лешница, со што ние оценивме дека ќе се подобри снабдувањето со вода, одговори Биљал Касами на новинарско прашање.

Според него, за подобрување на состојбите со водоснабдувањето значајно ќе биде да се спречат загубите на водата за пиење.

-Не е само доводот на водата, работиме на проект за физибилити студија за загубите на вода низ градската мрежа која се надеваме дека во текот на следната година ќе ја имаме како таква. Работиме исто така на инсталирање на водомери на целиот град. За кои исто така имаме ветување од градоначалникот на Општина Коња дека ќе ни доделат 200 илјади евра донација за овој проект, рече Касами.

Градоначалникот на новинарско прашање како ќе се унапреди состојбата со недоволно парковски површини ја искористи можноста да обрати до централната власт и побара касарната во Тетово да биде доделена на општината со ветување дека површината ќе ја направи парк.

-Ако нема друго решение Владата за тој дел од градот, а веќе во другите градови касарните се дадени на локалната власт, ние бараме и во случајот на Општина Тетово да се додели на општината и ние ветуваме дека ќе го претвориме во модерен и убав градски парк за сите тетовчани да ги користат придобивките од тоа. Исто така јавно и до иницијативата Тетово сака парк, бидејќи знаеме дека дел од нив се функционери на актуелната власт да ни помогнат заедно да дадеме можност на тетовчани да имаат убав модерен парк, посочи Касами.

Тетовскиот градоначалник за една година работа посочи дека се вратени долгови и започнати нови проекти. Истакна дека е задоволен што компаниите соработувале и имале разбирање за репрограмирање на долговите. Искажа незадоволство од непостоењето на соработка со централните власти и судството. Според него, за десет месеци реализирани се 120 отсто од изворните приходи на општината. ас/ 

Остани поврзан