• вторник, 11 март 2025

Каменичкиот градоначалник Атанасовски со апел до граѓаните за внимателно однесување во природа по серијата пожари во каменичко

Каменичкиот градоначалник Атанасовски со апел до граѓаните за внимателно однесување во природа по серијата пожари во каменичко

Македонска Каменица, 11 март 2025 (МИА) - Каменичкиот градоначалник Димчо Атанасовски со апел до граѓаните за внимателно однесување во природа по серијата пожари кои деновиве се гаснеа на територијата на Општина Македонска Каменица. Зачестените пожари, како што истакна тој претставуваат сериозна закана за шумите, населените места и безбедноста на граѓаните и нивните имоти.

-Благодарение на постојаната и брза интервенција на Територијалната противпожарна единица – Македонска Каменица, како и на вработените во Национални шуми, Граничната и Шумската полиција, спречени се поголеми штети. Нивната професионалност, координација и пожртвуваност имаат клучно значење во гаснењето на пожарите и заштитата на природата, истакна Атанасовски.

Како локална самоуправа, најави  продолжување со активно работење на подобрување на условите за работа на пожарникарите и сите надлежни служби, со цел поефикасно справување со ваквите кризни ситуации на целата територија на Општина Македонска Каменица и поширокиот регион.

-Истовремено, би сакал да упатам апел до сите граѓани да бидат одговорни и внимателни при движењето во природа. Со потсетување дека палењето оган на отворено е строго забрането, а секоја невнимателност може да доведе до катастрофални последици, додаде Атанасовски.

Во случај да забележат пожар или потенцијална опасност, апелираше до граѓаните веднаш да пријават на надлежните служби. вс/сст/


Фото: Општина Македонска Каменица

 

Остани поврзан