Калас: Храбрите Иранци не бараат невозможно, туку основни човекови права, достоинство и промени
- Иранските жени и мажи покажаа извонредна храброст. Тие се борат за иднина по сопствен избор, за слобода, за достоинство и за подобар живот. Се што тие бараат е да бидат слушнати, потенцира Калас.
Стразбур, 20 јануари 2026 (МИА) – Состојбата со човековите права во Иран е тешка со години, проследена со егзекуции и произволно притворање на борците за човекови права, но сега сме сведоци на ситуација кога граѓаните што бараат права се пречекани со палки и куршуми, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас при денешната дебата во Европарламентот посветена на „Брутална репресија врз демонстрантите во Иран“.
- Храбрите Иранци кои излегоа на улиците не го бараат невозможното. Тие бараат основни човекови права, достоинство, значајни промени и ние цврсто стоиме покрај нив, рече Калас.
Според неа, Иран сега е зафатен од најголеми демонстрации во последниве години.
- Иранските жени и мажи покажаа извонредна храброст. Тие се борат за иднина по сопствен избор, за слобода, за достоинство и за подобар живот. Се што тие бараат е да бидат слушнати, потенцира Калас.
Таа истакна дека иранските власти го изградија своето владеење врз бескомпромисна репресија, при што илјадници луѓе се убиени само во последните недели, а за да го прикрие обемот на репресија и за да спречи меѓународната заедница да биде сведок на она што се случува, режимот ги прекина комуникациите.
- Но, сликите стигнуваат до нас и покрај прекинот и не оставаат никаков сомнеж за бруталноста на одговорот. Насилството врз мирните демонстранти е неприфатливо, секогаш и насекаде, рече Калас.

Според неа, бруталното задушување на протестите е само најнов пример на однесувањето на Иран, покрај илегалните нуклеарни активности, неговата воена поддршка на Русија и на терористичките организации низ Блискиот Исток, хибридните напади на европска почва и произволното притворање на граѓаните на ЕУ.
- Веќе имаме воведено сеопфатни санкции кон Иран, насочени кон оние кои се одговорни за кршење на човековите права, активности за ширење на нуклеарното оружје и за поддршка руската војна во Украина. Денес предлагаме нови ограничувања на извозот на компоненти што Иран може да ги користи за производство на дронови и ракети. Тоа ќе ја ограничи иранската способност да ја поддржува руската континуирана агресија врз Украина, нагласи Калас.
Покрај ова, според неа, ЕУ работи и на подготовка на нови санкции, како одговор на бруталната репресија на иранските власти врз демонстрантите и за поддршка на легитимните барања на иранскиот народ.
- Иран мора веднаш да ги ослободи сите неправедно притворени лица. Приговорите да се решат преку дијалог, а не преку репресија, да се врати пристапот до интернет и да се запре насилството, истакна Калас.
Таа посочи дека постапките на иранските власти имаат пошироки импликации по регионалната безбедност, а нивните закани по американските сили во регионот ризикуваат дополнително продлабочување на тензиите.
- Европската Унија останува цврсто посветена на мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток. Сите страни мора да го почитуваат меѓународното право. Ризикот од погрешна проценка е поголем од кога било, додаде Калас во дебатата во Европарламентот за состојбата во Иран. сп/сд/
Фото: Европски парламент