• понеделник, 23 декември 2024

Каевски од Стразбур: Време е бугарските власти да ги почитуваат одлуките на Европскиот суд

Каевски од Стразбур: Време е бугарските власти да ги почитуваат одлуките на Европскиот суд

Скопје, 27 април 2023 (МИА) - Северна Македонија силно верува во европските вредности и останува целосно посветена на патот кон полноправно членство во Европската Унија, порача пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски во своето обраќање во Европскиот парламент.

-Ги исполнивме сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ и имаме поддршка од останатите земји членки, веруваме во европските вредности кои се водилка за развојот на македонското општество, истакна Каевски.

Во своето обраќање Каевски, како што информираат од СДСМ, се осврна и на односите со Бугарија и положбата на македонското малцинство.

-Најосновното право што една личност или нација го заслужува е правото на самоопределување. Време е бугарските власти да ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права, каде јасно е наведено дека правата на македонското малцинство во Бугарија се прекршени, малцинство кое државата треба да го препознае и признае и целосно да го почитува нивното место во општеството. Време е да ги елиминираме сите сомнежи дека одредени политичари сакаат да ги нарушат добрососедските односи помеѓу двете држави, одработувајќи за трети страни. Правото на самоопределување е основно човеково право, кое треба да го заштитиме, за да можеме заеднички да градиме подобра иднина за нас и нашите деца, заклучи Каевски. дма/ац/


линк: https://www.facebook.com/1009627987/posts/pfbid02FzEXAFxr7xtuBwR8ETjDjcdCo3ewif3kNfmJyuGiHraBo5qSJY7rAqiKeLKJGHDzl/?mibextid=cr9u03

Остани поврзан