• сабота, 29 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Кавадарци се подготвува за нов образовен профил, техничар за дигитално земјоделство

Кавадарци се подготвува за нов образовен профил, техничар за дигитално земјоделство

Кавадарци, 26 март 2025 (МИА) - Кавадарци се спрема за нов образовен профил, техничар за дигитално земјоделство. Ефремчо Николов, професор по стручни предмети во Земјоделско - шумарското училиште, потврди за МИА дека сериозно работат на подготовките за воведување на оваа струка во ова училиште со долга традиција, со оглед на важноста на дигитализацијата во современиот свет, во сите области, па и во земјоделството. 

- Се работи за образовен профил на чие воведување интензивно работиме, а ќе се базира на изучување на најновите, трендовски и перспективни  и иновативни земјоделски технологии во земјоделскиот сектор и нивната имплементација во тој сектор, подвлече Николов. 

Тој истакна дека претставувањето и промовирањето на најмодерните и најбараните профили од стручното образование во земјоделско- ветеринарната струка, денеска претставува вистински предизвик за квалитетно и економски оправдано земјоделско производство. 

- Во нашето училиште СОЗШУ,,Ѓорче Петров" Кавадарци, во секторот земјоделство, рибарство и ветеринарство  од земјоделско - ветеринарна струка, засега од пред неколку години доминираат нови образовни профили, меѓу кои и техничар за фитомедицина, во кој што профил учениците се стекнуваат со многу знаења и практични вештини за најважните економски болести, штетници и плевели на сите земјоделски култури што ги познава земјоделската наука. Вториот профил за агротехничар, овозможува изучување на лозарството, енологијата  со современи енолошки и технолошки пристапи во производство на црвени, розе и бели вина, вински дестилати и вински  производи. Дел од овој профил е и сточарството и ветеринарството, појасни Николов. 

Тој нагласи дека училиштето е расадник на ученици од профилот со III степен,  цвеќар - градинар во кој учениците ги изучуваат тајните на градинарството, поледелството и цвеќарството. Николов додаде дека сите  нови образовни профили нудат можности за идните млади земјоделски техничари и инженери многу знаење, практични вештини и имплементација на дуалното образование или учењето преку работа кај работодавач. 

- Притоа, нашите ученици, задолжително практичната настава ја изведуваат во нашите најреномирани компании, со кои што училиштето има склучено меморандуми за соработка, а посебна сатисфакција за учениците претставува и стипендијата од 3.500 денари што учениците ја добиваат од страна на МОН, истакна професорот. 

Компаниите за учениците  кои што редовно посетуваат УПР или учење преку работа, овозможувале и директно вработување после завршувањето на училиштето или факултетот.

- Преку нашето мото ,,Денес ученик , утре стручњак", испраќаме порака и едуцираме кадар кој  е подготвен да произведе здрава, квалитетна и економско исплатлива храна.На крај сакам да истакнам дека, во многу блиска иднина се надзира и отварање на новиот, моментално во Европа и свет најатрактивен образовен профил, , ,,техничар за дигитално земјоделство", нагласи професорот. свд/

Фото: МИА 

Остани поврзан