Истражување: Медиумската писменост, клучна алатка против дезинформациите
- Граѓаните кои се медиумски писмени се повеќе свесни за постоењето дезинформации, можат активно да учествуваат во процесот на следење вести и подобро знаат и умеат да ги препознаваат дезинформациите и да се справат со нив. На овој начин, тие стануваат граѓани кои, освен што се помалку ранливи во однос на дезинформациите, се и активен субјект во општеството, се наведува во анализата „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“, што ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Скопје, 19 април 2023 (МИА) - Граѓаните кои се медиумски писмени се повеќе свесни за постоењето дезинформации, можат активно да учествуваат во процесот на следење вести и подобро знаат и умеат да ги препознаваат дезинформациите и да се справат со нив. На овој начин, тие стануваат граѓани кои, освен што се помалку ранливи во однос на дезинформациите, се и активен субјект во општеството, се наведува во анализата „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“, што ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Анализата се фокусира на утврдување на индивидуалните фактори, мотиви и бариери за препознавање и за справување со дезинформации, како и на поврзаноста на медиумската писменост со умешноста за препознавање на дезинформации во интернет-вестите.
Како ранливи групи се идентификувани младите лица на возраст меѓу 18 и 28 години, возрасните лица над 60 години и лицата од социјално ранлива категорија (приматели на некаков вид социјална помош).
Ова истражување е иновативно по тоа што првпат прави соодветна скала и индекс на медиумска писменост, во обид да се провери дали и на кој начин можат да се мерат: писменоста за вести, мотивацијата, но и свесноста за бариерите кај ранливите групи граѓани во процесот на препознавањето на дезинформациите, соопшти Институтот за комункациски студии.
-Информации за делови од секунда, како човештво, бевме втурнати во ера на информации. Сè уште неадаптирани на тоа огромно пространство од секакви информации, ние, речиси потполно неподготвени, влеговме во уште понова ера, во ера на дезинформации. Имаме експлозија од сечии мислења, објави на социјалните мрежи, виртуелни дебати, блогови и веб-страници, па сега секој може да најде податоци и информации за сенешто, како што може и да пушти информации за сенешто во киберпросторот, се наведува во воведот.
Се додава дека дури и да сме станале свесни за постоењето на дезинформациите, дури и да ги познаваме сите техники со кои креаторите на дезинформации се служат за да влијаат врз нас, па дури и да сме се обучиле како да ги препознаваме и како да се справуваме со дезинформациите, тие потенцијално можат да бидат толку многу, што исто толку лесно може за миг да го исцрпат целосниот капацитет на поединците, да ги направат ранливи групите, да ги загрозат општествата.
-Веќе стана јасно дека отпорноста на индивидуата на разорната моќ на дезинформациите мора да ни стане еден од главните приоритети во образованието, се нагласува во воведот на истражувањето.
Анализата е изработена во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија“, кој се реализира со поддршка на Британската амбасада во Скопје. ац/
Фото: МИА архива