• петок, 23 август 2024

Ипсос: Три четвртини од Британците загрижени заради десничарскиот екстремизам

Ипсос: Три четвртини од Британците загрижени заради десничарскиот екстремизам

Лондон, 22 август 2024 (МИА) - Анкета на Ипсос покажа дека речиси три четвртини од Британците се загрижени поради десничарскиот екстремизам по немирите против мигрантите во земјата, а се поголем број граѓани се загрижени поради општествените поделби.

Истражувањето, исто така, покажува дека, иако луѓето генерално веруваат дека политичарите не реагираа особено добро на бранот немири, испитаниците сметаат дека британскиот премиер Кир Стармер добро реагирал, додека лидерот на британската десничарска Реформска партија, Најџел Фараж, не, пишува Гардијан.

Во делот од анкетата каде што испитаниците посочиле што ги загрижува, 84 отсто изјавиле дека најмногу загрижуваат јавните услуги и економијата. После тоа, 73 отсто од испитаниците изјавиле дека се загрижени за десничарскиот екстремизам, што е за 11 отсто повеќе отколку во март годинава, кога беше поставено истото прашање.

Околу 85 отсто од испитаниците изјавиле дека веруваат дека британското општество е многу или прилично поделено, што е највисоко ниво од 2019 година.

Резултатите од анкетата се должат на немирите во ОК по трагедијата на 29 јули во Саутпорт, кога три девојки беа убиени во напад со нож. За нивното убиство беше обвинет 17-годишниот Аксел Рудакубан, кој првично не беше именуван поради неговата возраст, но, како што пишува Гардијан, „екстремните десничари“ шират дезинформации на Интернет.

Спротивно на тоа, анкетата покажа дека само 21 отсто од луѓето сметаат дека Фараж добро реагирал на немирите, а 48 отсто го веруваат спротивното. Фараж се соочи со критики за време на немирите, откако објави видеа на интернет во кои прво прашуваше дали полицијата сокрила информации за тоа кој го извршил нападот, а потоа го оспори аргументот дека екстремната десница е во голема мера виновна за немирите.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан