• сабота, 23 ноември 2024

Имамоглу: Атина и Истанбул можат да изградат мост на мир

Имамоглу: Атина и Истанбул можат да изградат мост на мир
Атина, 21 септември 2021 (МИА) – Сметаме дека Атина и Истанбул можат да изградат мост на мир и можат овие два града да соработуваат на начин на кој ќе одиме напред кон решавање на пошироки проблеми со кои се соочуваме во Егејското море и во Медитеранот, рече градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу по средбата со атинскиот градоначалник Костас Бакојанис, јави дописничката на МИА од Атина. Имамоглу, кој е во дводневна посета на грчката престолнина, истакна дека „со денешната средба уште повеќе се отвори портата за дијалог меѓу двата града“, кои треба да најдат заеднички решенија за заедничките проблеми. -Пријателството меѓу Турција и Грција не е само една од многуте опции, тоа е неопходен пат, тоа е неопходно решение, што мора да го изодиме заедно, заедно да го трасираме овој пат, рече градоначалникот на Истанбул. Градоначалникот на Атина Костас Бакојанис истакна дека „проблемите се решаваат од долу па нагоре, луѓето ги создаваат и луѓето ги решаваат “. -Дури и ако се создадени од Владите, или попрецизно од режимите, можат народите да ги решат. Впрочем, ова е и улогата на дипломатијата на градовите. Разликите меѓу нас постојат, но локалната власт е најблиската демократска институција до граѓаните и ова ни овозможува да можеме поефикасно да ги толкуваме човечките емоции, истакна Бакојанис. Се осврна на симболиката на Акропол и на Света Софија, велејќи дека Акропол ја симболизира демократијата и сите универзални достигнувања, како што се слободата, еднаквоста, човековите права, додека пак Света Софија го симболизира дијалогот меѓу религиите и соживотот на цивилизациите. -Затоа се надевам дека наскоро ќе се врати на претходниот статус, кој беше достоен за историјата на градот, му рече Бакојани на Имамоглу. По средбата, двајцата градоначалници заминаа во Премиерската палата, каде што ќе беа примени од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис Од кабинетот на Мицотакис, информираа дека разговарале за можностите за соработка на двата града во области од заеднички интерес, како што се културата и справувањето со климатските промени. Ова е прва посета на градоначалникот на Истанбул на Атина, по покана на неговиот атински колега, а според официјалната програма, Имамоглу ќе ги посети Акропол, Националната галерија, плоштадот Синтагма за одблиску да ги види новините што ги подготвува општина Атина, а вечерва, во античкиот театар под Акропол, ќе ја следи изведбата на Моника Белучи на монологот „Maria Callas: Letters and Memories“. Посетата на Имамоглу на Атина е во период кога има нова тензија во грчко –турските односи, со оглед на тоа дека за два дена, Грција испрати два демарши до Турција. Едниот во саботата поради вознемирувањето од турски бродови на бродот за истражување „Nautical Geo“, а вториот вчера поради  нелегално рибарење од турските чамци во грчките  територијални води. ср/ Фото: Општина Атина

Остани поврзан