• понеделник, 23 декември 2024

Илјадници британски земјоделци протестираат во Лондон поради најавата за нов данок

Илјадници британски земјоделци протестираат во Лондон поради најавата за нов данок

Лондон, 19 ноември 2024 (МИА) - Илјадници британски земјоделци се собраа денеска во центарот на Лондон на протест против воведувањето на контроверзниот данок на наследство за некои фарми, објавен од лабуристичката влада.

Игнорирајќи го дождот и слабиот снег, демонстрантите, од кои некои дојдоа со трактори, се собраа пред Даунинг стрит за да го изразат својот гнев од владиниот план, кој го обвинуваат за предавство.

Многумина од нив мавтаа со плакати на кои пишуваше „Без земјоделците нема храна“, „Фискалната војна ќе ги уништи фармите“. Некои од нив оставија гајби со зеленчук и овошје по улиците.

-Со објавувањето на тој данок, владата го уништи договорот што ја врзува со селаните од крајот на Втората светска војна, изјави денеска претседателот на Националниот сојуз на фармери (НФУ), главниот британски синдикат, Том Бредшо. 

Владата на лабуристите на 30 октомври, кога го презентираше својот прв буџет, објави дека од април 2026 година ослободувањето повеќе нема да важи за фармите чија вредност надминува еден милион фунти. Оттогаш тие фарми ќе имаат данок на наследство од 20 отсто, што е половина од вообичаениот данок на наследство.

Британскиот премиер Кир Стармер вчера изјави дека ја разбира загриженоста на земјоделците, но повтори дека огромното мнозинство земјоделски производи нема да бидат засегнати од новата даночна мерка.

Според податоците на Министерството за финансии, три четвртини од земјоделците нема да бидат погодени од овој данок. Сепак, земјоделците се потпираат на бројките на Министерството за рурални работи, според кои 66 отсто од земјоделските производи се со вредност поголема од милион фунти. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан