Израелските авиокомпании од безбедносни причини ги откажале летовите од и кон кипарскиот град Пафос
- Службата за внатрешна безбедност на Израел издала упатство до израелските авиокомпании, сите летови од и кон Кипар да се вршат само во градот Ларнака и да ги откажат оние кон градот Пафос, објавија кипарските медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 27 јануари 2025 (МИА) – Службата за внатрешна безбедност на Израел издала упатство до израелските авиокомпании, сите летови од и кон Кипар да се вршат само во градот Ларнака и да ги откажат оние кон градот Пафос, објавија кипарските медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, оваа одлука е од безбедносни причини, а од амбасадата на Израел во Република Кипар, во изјава за кипарската новинска агенција ЦНА, рекле дека „поради различни безбедносни прашања, донесена е одлука израелските авиокомпании привремено летовите од и до Кипар да ги вршат во Ларнака“.
Дополнително посочиле дека „ситуацијата ќе продолжи внимателно да се следи и проценува во целосна соработка со локалните власти“.
Израелските тајни служби, како што пишуваат медиумите на Кипар, издале одлука до авиокомпаниите „ЕЛАЛ“, „Аркиа“ и „Исрер“ да го променат планот на летање на сите нивни летови за Кипар, со цел авионите да слетуваат/ полетуваат исклучиво на аеродромот во Ларнака, а не и во туристичкиот приморски град Пафос. ср/