• сабота, 23 ноември 2024

Изложба „150 години од раѓањето на Гоце Делчев” во Нова Горица,Република Словенија

Изложба „150 години од раѓањето на Гоце Делчев” во Нова Горица,Република Словенија
Скопје, 18 јули 2022 (МИА) - Во галеријата на Македонското културно друштво „Охридски бисери” во Нова Горица, Република Словенија, беше отворена изложбата што ја подготви Државниот архив: „150 години од раѓањето на Гоце Делчев” (1872 - 2022). На отворањето на изложбата се обратија македонската амбасадорка во Република Словенија, Сузана Зеленковска, претседателот на Клубот, Боро Митовски, градоначалниците на општина Нова Горица, д-р Клемен Миклавич и на Шенпетер, Милан Турк, како и директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески. Притоа, во чест на гостите беше изведена и пригодна културно-уметничка приредба. Изложбата, како што соопштија од Државниот архив, е презентација на архивски документи и фотографии, што го прикажуваат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, а најмногу како идеолог и еден од главните организатори на македонското национално-ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Од Државниот архив посочуваат дека сите овие нивни активности се во интерес на зачувување на нашето минато, на нашата историја, култура, традиција и обичаи, потсетување на значајни настани и личности, нивно чествување, како долг спрема нашите предци, но и за сегашните и идните генерации на кои историјата и минатото треба да им бидат светилник за иднината и темел за нашето опстојување на овие простори. - Една од основните дејности на Државниот архив е всушност да ги чува оригиналните значајни историски документи и материјали и тоа е наша обврска како институција, со што го оправдуваме епитетот дека сме еден од главните столбови на нашиот национален идентитет, истакна меѓу другото, на отворањето на изложбата, директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески. Изложбата во Нова Горица, каде живеат и работат околу 3.000 македонски државјани, ќе биде поставена еден месец, а потоа ќе биде претставена и во други македонски клубови во Словенија и во Хрватска, и тоа во Крањ, Љубљана, Цеље, Копер, Риека, Загреб, Вараждин, Осиек и Ѓаково. Во оваа пригода Македонското културно друштво „Охридски бисери” на Државниот архив му додели плакета за успешна соработка во областа на историјата и културата. рп/цр

Остани поврзан