• сабота, 23 ноември 2024

Изложба на Марија Павловска - „Остен“ ги претставува уметниците пријавени за Биеналето на цртеж

Изложба на Марија Павловска - „Остен“ ги претставува уметниците пријавени за Биеналето на цртеж
Скопје, 17 март 2022 (МИА) - Со мултимедијалниот проект „Г-ѓа и г-ца Х“ на македонската и интернационална уметница Марија Павловска, денеска почна привју-програмата во која се претставуваат уметниците кои ќе учествуваат на Остен Биеналето на цртеж „Скопје 2022“ (ОБЦ 2022). Проектот на Павловска, кој денеска бепе претставен во галеријата „Остен“, се состои од изложба на полиптих од 32 дигитални дела (секое 50 на 50 сантиметри) и видео како составен дел од изложбата. Истовремено, „Остен“ подготви графичка мапа од 12 избрани дела од проектот „Г-ѓа и г-ца Х“ во едиција од пет копии. -Со нивното потпишување уметницата Павловска стана дел од групата на интернационални уметници чии графички мапи ја сочинуваат единствената Библиотека на графички мапи „Светско културно наследство“ во издание на Остен Скопје, соопшти Галеријата. Кураторот на проектот,  Корнелија Конеска, вели дека циклусот од 32 дигитални дела и видео наречен „Г-ѓа и г-ца Х“  е ехо на исклучително силната женска енергија на Павловска. -Таа претставува повеќеслојната комплексна природа на женскиот елемент – од жената како Мајката Земја до жената г-ѓа и г-ца Х – како рамноправен субјект на современото општество со комплетно задржани атрибути на женственост. Три елементи доминираат во оваа серија – жицата, кругот и ѕидот, наведува Конеска. Марија Павловска е родена во Скопје и по студиите имала самостојни изложби во Париз, Берлин, Виена, Белград, Загреб, Сараево, Нирнберг, Њујорк. Живее во Њујорк и е активна на тамошната уметничка сцена. -Нејзини уметнички дела се претставени низ целиот свет на преку 30 самостојни изложби и повеќе од 100 групни меѓународни изложби, во многу списанија, написи во весници и каталози на музеи и галерии низ светот, информира „Остен“. Во рамки на привју програмата на „Остен“ за претставување на веќе пријавените уметници за ОБЦ 2022, ќе  следуваат и изложби на Камелија Отеро од Франција, Билјана Јевтиќ од Србија, Лидија Пероти од Италија, Клио Влаху од Грција… Повикот за учество на Остен Биеналето на цртеж „Скопје 2022“ е во тек и трае до 31 мај 2022, а   заинтересираните може да се пријавуваат електронски. Официјалната програма на Биеналето ќе почне во септември и ќе трае до завршниот настан кој ќе се одржи во галеријата Чифте амам, каде што ќе бидат врачени наградите за кои ќе одлучува меѓународно жири. „Остен“ завчера ги соопшти двете главни награди на годинашното Биенале на цртеж - Гран-при за животно остварување на Јозеф Кошут од САД и наградата „Светско културно наследство“ за творештвото на Рембрант. хс/дма/  

Остани поврзан