Изложба на визуелна уметност и панел дискусија за еднаков пристап до правдата
- СООПШТЕНИЕ:
Скопје, 11 декември 2024
Со цел да се одбележи Меѓународниот ден на човекови права, Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, со поддршка од Европската Унија, организираше настан за да ја нагласи важноста на еднаквиот пристап до правдата и неговиот позитивен ефект врз сите луѓе во Северна Македонија. На настанот беа прогласени победниците на натпреварот за визуелна уметност, „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките!“.
Отворајќи го настанот, на којшто се собраа носители на јавни функции, клучните корисници на проектот, партнери и граѓани, Министерот за правда на Северна Македонија, Игор Филков, нагласи дека Министерството за правда ќе продолжи посветено да создава услови за силен и ефективен правосуден систем во кој сите граѓани ќе можат да се чувствуваат сигурни и праведно третирани. „За да го постигнеме ова, мораме заедно да работиме – институциите, организациите, како и секој поединец посебно“. Тој нагласи дека во периодот од 1 јануари до 31 октомври 2024 година, Министерството за правда има обезбедено примарна правна помош на 2360 лица кои тоа го побарале. За секундарна правна помош во овој период биле разгледувани 238 барања од граѓани.
Во своето обраќање, Лилја Гретарсдотир, раководителка на Одделот за примена на човекови права, правда и стандарди за правна соработка во Совет на Европа ја нагласи мисијата на Организацијата да ги зајакне граѓаните, особено младите генерации и ранливите категории, обезбедувајќи им алатки и можности за да се активираат и да ги изразуваат своите мислења. “Само преку инклузивен процес може подобро да се разбереме едни со други и да придонесеме кон позитивни промени!” истакна Гретасдотир.
Бен Нупнау, Заменик Амбасадор на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, истакна дека пристапот до правдата е основно право. Тоа значи дека треба да биде достапно за сите, вклучувајќи ги и оние коишто не можат да си го дозволат тоа. Северна Македонија го подобри својот систем за обезбедување бесплатна правна помош со донесувањето на Законот за бесплатна правна помош. Сепак, има простор за подобрувања. Главно, во однос на ограничената свест и недостатокот на финансиски средства за бесплатна правна помош, на што властите треба да дадат приоритет. ЕУ ќе остане посветена и ќе продолжи да помага во доближувањето на правдата до граѓаните.
Кире Илиевски, Директор за мултилатерални односи во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, нагласи дека следната година одбележуваме 30 години членство во Советот на Европа, организација која е синоним за човекови права. Од 2017 година сме земја набљудувач во ЕУ Агенцијата за фундаментални права, а годинава ја добивме и довербата по втор пат да бидеме избрани за членство во Советот за човекови права на Обединетите нации за периодот 2025-2027 година. Сите овие активности на надворешен план се несомнен поттик за натамошно дејствување во областа на човековите права на домашен план, во согласност со преземените заложби.
Јелена Ристиќ, Заменик Претседателка на Адвокатската комора, ја нагласи клучната улога на адвокатите во давањето на бесплатна правна помош и нивната одговорност да им помагаат на граѓаните да дојдат до правда.
Учесниците на настанот имаа можност да ја разгледаат изложбата на наградените фотографии и цртежи од натпреварот во визуелна уметност Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните и граѓанките!”. Отворен во октомври, со цел да се одбележи Европскиот ден на правдата, натпреварот имаше за цел да ги вклучи младите луѓе во залагање за еднаков пристап до правдата и заштита на човековите права во согласност со европските стандарди.
На изложбата беа поставени и уметнички дела од лица со попреченост, потенцирајќи ја важноста на инклузивноста и разноликоста во правниот систем.
По панел дискусијата, беа прогласени победниците на натпреварот за фотографии и цртежи.
Натпревар во фотографии
- Прва награда – Нина Велиновска
- Втора и трета награда – Ивана Христова
Натпревар во цртежи
Од 6 до 12 години:
- Прва награда – Мирсадет Селмани
- Втора награда – Матеа Бачваров
- Трета награда – Ана Апостолова
Од 12 до 18 години:
- Прва награда – Сафет Шерич
- Втора награда – Ален Бекир
- Трета награда – Рубија Бајрам
Настанот се организира во рамките на заедничката програма на Европската Унија и на Совет на Европа „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција“, иницијатива за соработка преку која им се помага на земјите-кориснички од Западен Балкан и Турција да се усогласат со европските стандарди.
Совет на Европа
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: Совет на Европа