• среда, 27 ноември 2024

Извештај на ЕПИ: Јавната администрација потранспарентна, слабости се уште има во управувањето со човечки ресурси и соработката со граѓанскиот сектор

Извештај на ЕПИ: Јавната администрација потранспарентна, слабости се уште има во управувањето со човечки ресурси и соработката со граѓанскиот сектор
Скопје, 16 јули 2021 (МИА) - Забележан е напредок во транспарентноста на јавната администрација, како и подобрување во областа на јавните финансии, но се уште е потребно унапредување на соработката со граѓанскиот сектор. Слабости се забележани и во управувањето на човечките ресурси и времените вработувања. Ова се главните заклучоци на вториот извештај за Мониторинг на реформата на јавната администрација, спроведен во 2020 година од страна на Институтот за европска политика (ЕПИ). Истражувањето на ЕПИ за мониторингот на реформата на ЈА, покажува дека Северна Македонија предничи пред земјите во регинот во управувањето со јавните финансии, при што е утврдено дека се преземени значителни чекори за подобрување на управувањето со јавните финансии во земјава, а создадени се и значајни апликации за следење на јавните финансии. Подобрена е и комуникацијата и соработката на Државниот завод за ревизија со јавноста. -Годишниот буџет, извештаите за извршување на годишно ниво, полугодишните и кварталните економски извештаи се достапни. Граѓанскиот буџет нуди преглед на буџетот преку интерактивен интерфејс креиран за граѓаните. Отворени се значајни веб страници - Отворени финансии, јавен долг и финансиска транспарентност (за) Ковид-19, стои во извештајот. Во однос на достапноста на информациите за јавни набавки, се наведува дека секој може бесплатно на Електронскиот систем за јавни набавки да прегледува објавени огласи, доделени договори, е-набавки и е-поплаки. Значително подобрување се бележи во отчетноста и проактивноста на јавните органи, за разлика од мониторингот спроведен во 2017/18. -Резултатот во овој извештај е значително зголемен во споредба со претходниот од 2017/18, имајќи предвид дека плановите за работа на Владата и извештаите за спроведување на плановите претходно не се објавуваа, стои во извештајот. Според мнозинството организации, се наведува во документот, информациите од јавен карактер ги добиле во предвидениот рок, бесплатно и во бараниот формат. Од друга страна, се забележува дека дел од институциите немаат ажурирани информации за контакт на нивните веб страници, а ниту едно министерство нема споделено информации и контакти за соработка со граѓанско општество освен Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така, според извештајот, ниту една институција нема обезбедено информации за процесот на јавна консултација на ЕНЕР. За соработката на ЈА со граѓанските организации општа забелешка е стратегијата за реформа на јавната администрација не предидува вклучување на граѓанските организации во административните структури за координација и мониторинг на реформата на ЈА, а консултациите, иако во голема мера се отворени за јавноста, обично се случуваат во доцна фаза кога документите се веќе подготвени. -Она што треба да се издвои е дека во регионот само С Македонија и Албанија имаат пракса на објавување кумулативни податоци за бројот на службеници во јавниот сектор. Истите треба да се објавуваат секоја година и во вид на отворени податоци. Отсуствуваат квалитативни податоци за повеќе сегменти од системот (квалитет на службата и резултати), се наведува во извештајот. Во однос на времените вработувања, е забележано ангажирање лица без огласи и без исполнување на истите критериуми кои важат во службата. Се посочува и дека постапките за вработување се обременети со доставување документација што ги прави тешко достапни за надворешни кандидати, а комисиите за селекција не ги образложуваат своите одлуки. Во овој контекст, стои во извештајот, високите раководни службеници се под силен дискреционен систем, односно политички назначувања и разрешувања. Во однос на давањето услуги, перцепцијата на граѓаните за напорите на Владата е влошена. Повеќето граѓани се свесни за постоењето и знаат како да користат е-услуги, но голем процент сметаат дека каналите за споделување мислење треба да се поедностават, додека 60 проценти сметаат дека администрацијата ги искористила нивните укажувања. За перцепцијата на граѓанските организации, таа во голема мера останува негативна. Граѓанските организации, стои во извештајот, сметаат дека „Една точка за услуги“ не се лесно достапни и дека услугите не се соодветно распределени низ целата држава, а перцепците се многу негативни и во однос на прилагодување на услугите кон ранливите групи. Кога станува збор за е-услугите, се забележува дека недостасуваат едноставни и лесни упатства за корисниците, и оти тие не се достапни за клучни услуги како регистрација на возило и издавање лични документи. нд/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан