• петок, 28 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Гаши - Капетановиќ: Интензивирање на регионалната соработка и подобрување на меѓусоседските односи во регионот

Гаши - Капетановиќ: Интензивирање на регионалната соработка и подобрување на меѓусоседските односи во регионот

Скопје, 24 февруари 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши денеска имал средба со Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши му честитал на Капетановиќ за неговото назначување за генерален секретар на Советот за регионална соработка, во време на македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Гаши укажал на потребата од интензивирање и продлабочување на регионалната соработка, како и подобрување на меѓусоседските односи во регионот. Особено, како што се додава во соопштението, во време на геополитичките промени во светот, со цел зачувување на мирот и стабилноста во регионот.

Република Северна Македонија, како што потенцирал Гаши, посветува големо внимание на регионалната соработка, како клучна компонента за евроинтеграцијата на регионот и во континуитет активно учествува во работата на регионалните организации и иницијативи.

Капетановиќ укажал дека Советот за регионална соработка има оперативна улога во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и претставува вредна политичка платформа, што придонесува за стабилизација на регионот, но и за економски развој и социјален напредок на сите земји од Југоисточна Европа.

- Таа соработка се фокусира на работите што го обединуваат регионот врз основа на принципот на инклузивност. Соработката е заснована на реалните потреби на сите граѓани во регионот и има тенденција на поголемо вмрежување меѓу граѓаните, компаниите и институциите во регионот преку регионални иницијативи, се додава во соопштението.

На крајот, соговорниците ја поддржале парламентарната димензија во сите процеси на регионално здружување, „со можност во иднина Република Северна Македонија да биде домаќин на повеќе тематски конференции, како што се - дигитална трансформација, парламентарна дипломатија, како и соработка за формирање на регионален центар за брза интервенција“. бд/дма/

Фото: Собраниска прес-служба

Остани поврзан