• петок, 08 ноември 2024

ИЗБОРИ 2024: Известување од ДКСК во врска со распишувањето на Избор за претседател и Избори за пратеници во Собранието

ИЗБОРИ 2024: Известување од ДКСК во врска со распишувањето на Избор за претседател и Избори за пратеници во Собранието

Скопје, 15 февруари 2024 

Државната комисија за спречување на корупцијата, со цел навремено и транспарентно информирање за законитоста на користењето и располагањето со буџетските средства од денот на распишувањето на Избор за претседател на Република Северна Македонија и Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија до завршувањето на изборите, 2024 година, а поврзано со надлежностите и обврските на органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други
институции основани од државата, политичките партии и учесниците во изборната кампања, како и јавноста, уредени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и со Изборниот законик, укажува на следното:

1. Забрана за нови инвестиции и вонредни исплати

-не може да започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и други објекти или на објекти за општествени дејности - училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година;

-не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал, ниту да се потпишуваат колективни договори;

-не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

2. Забрана за користење противправни и анонимни извори на финансирање за време на избори
- политичката партија или кандидатот на изборите не смеат да прибираат и користат средства противправно или од анонимни извори.

3. Утврдување на злоупотреба на финансирање на политички партии за време на изборна кампања

-не може имотот во сопственост на: Република Северна Македонија или на единиците на локалната самоуправа или буџетски средства или средства од јавни фондови, јавни
претпријатија, јавни установи или други правни лица што располагаат со државен капитал, преку инвестициони работи или на друг начин, да се користат за изборна кампања или за финансирање на друга политичка активност.

4. Поткупување на избирачите

-не смее да се врши поткуп при избори и гласање, давање или ветување подарок или друга корист за себе или за друг, на избирач при избори, за да гласа или да не гласа или да гласа за определен кандидат.

5. Во периодот од 20 дена пред започнувањето на изборна кампања па до завршувањето на изборот на претседател на Република Северна Македонија, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и изборот на Владата на Република Северна Македонија согласно со резултатите од изборите не може:

-да се одржуваат јавни настани по повод започнувањето на изградба или пуштање во
употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал во
инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира особено давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање;

-од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до нивно завршување согласно со резултатите од изборите, Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовните плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страница во посебна база за буџетски трошоци во изборен период и

-Министерството за финансии две недели по распишување на изборите поднесува
предизборен финансиски извештај во кој ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки во периодот од почетокот на
фискалната година до денот на поднесувањето на извештајот кој се објавува на веб
страницата на Министерството за финансии.

-забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста;

-во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, се должни до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат, во електронска форма на образец пропишан од Државната изборна комисија, објавен на веб страницата и

-забрането е вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица. Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во
случаите на основи за сомневање за прекршување на законите, ќе презема мерки за
утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување.

Непочитувањето на наведените забрани утврдени со одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во член 8-а и член 8-б од Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, а во случај на констатирани прекршувања и злоупотреби ќе преземе соодветни активности и мерки согласно закон.

Во периодот на спроведување на активностите поврзани со Избор на претседател на
Република Северна Македонија како и за Избор за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Државната комисија за спречување на корупцијата согласно одредбите на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси НЕМА НАДЛЕЖНОСТ И НЕ ДАВА МИСЛЕЊА по доставени барања за мислења поврзани со начинот на постапување на органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата.

Државната комисија за спречување на корупцијата во функција на следењето и
контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот
изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во Изборниот законик. 

Државна комисија за спречување на корупцијата 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан