• вторник, 24 декември 2024

ЗНМ: Медиумските работници четирипати поизложени на физички напади и закани кога има избори

ЗНМ: Медиумските работници четирипати поизложени на физички напади и закани кога има избори

Скопје, 26 март 2024 (МИА) - Новинарите често се соочуваат со значителни ризици, особено за време на чувствителни периоди како што се изборите, а оваа година имаме два изборни циклуса - претседателски и парламентарни. Според локални истражувања, базирани на статистика од последните 10 години, медиумските работници се четирипати поизложени на физички напади и закани по својот живот, во услови кога има изборна година, споредбено со оние години кога нема, рече денеска извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, на настанот „За поголема безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници и спротивставување на заканите за слобода на медиумите“, што се одржа во Клубот на новинари.

Соработката и со Министерството за внатрешни работи и со Основното јавно обвинителство,  според Секуловски, во изминатата година била на професионално ниво во контекст на брзата комуникација и ефикасноста во насока на навремената реакција од нив како надлежни институции кои постапуваат при закани и напади кон новинари или медиумски работници со исклучок на он лајн заканите. 

Од вкупно пет регистрирани закани и напади кон новинари и медиумски работници во 2023 година, има два случаја на физички напади со судска осудителна пресуда. Останатите три случаи, посочи Секуловски, се уште се во постапка.

Секуловски оцени дека органите на прогонот се уште покажуваат недостатоци во поглед на капацитетите за постапување во контекст на онлајн нападите и заканите, иако во текот на изминатата и оваа година имале поднесено над пет претставки до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР. 

- Иако со намален интензитет споредбено со пример 2017 година, за жал, и изминатава година бевме сведоци на случаи кога новинарите беа подложени на малтретирање, заплашување и насилство во текот на вршењето на нивните професионални задачи. Ваквите инциденти односно закани и напади не само што ги загрозуваат животите и благосостојбата на новинарите, туку и го поткопуваат интегритетот на нашите демократски процеси и ја намалуваат довербата на јавноста во институциите. ЗНМ во изминативе години активно работи на полето на SLAPP тужбите. Овие тужби не служат да се добие правда туку служат да се предизвика заплашување и правни трошоци или едноставно исцрпување на тужените, во случајов на новинари со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP). Ваквите тужби, посебно кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат самоцензура кај новинарите а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните, информираше извршниот директор на ЗНМ.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски апелираше до партиските лидери и други лица кои говорат пред поддржувачи, да ги отфрлат новинарите од нивните говори. Зашто, појасни тој, политичар на митинг или додека дава изјава за медиуми, ако каже нешто за новинар или новинарка, при обид да ги дискредитира, ботови подоцна јавно упатувале навреди кон споменатите медиумски работници.

Новинарката Ева Ѓакова пред присутните кажа за нејзиното искуство, нападнати како екипа па била убедувана да не пријавува во полиција од некои лица. 

 Институциите во нашиот случај беа брзи и професионални, подвлече таа, порачувајќи дека сите треба да се чувствуваат безбедни вршејќи ја својата работа.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски повика што побргу да се пријават нападите врз медиумските работници. 

Јавниот обвинител во ОЈО Скопје, Дејан Петревски, пак, зборуваше за важноста на законските измени и нивната имплементација. бд/лв/


Фото: МИА 

Остани поврзан