• понеделник, 17 март 2025

ЗНМ и СЕММ апелираат да се почитуваат етичките принципи за професионално известување

ЗНМ и СЕММ апелираат да се почитуваат етичките принципи за професионално известување

Скопје, 16 март 2025 (МИА) - Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) изразија длабоко жалење до семејствата на жртвите и до настраданите во пожарот што се случи во Кочани.

Апелираат до сите новинари и медиуми доследно да ги почитуваат етичките принципи од Кодексот на новинарите и другите професионални стандарди, притоа внимавајќи на почитување на личната болка на семејствата на загинатите и повредените лица.

- Информирањето треба да биде засновано на потврдени информации од официјални извори, а сензационалистичките шпекулации и непроверени вести мора да се избегнат. Во таа насока, ги повикуваме медиумите да се придржуваат кон следните принципи: Да се избегнува сензационализам – драматични наслови, фотографии и видео-материјали што можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност во јавноста. Да се објавуваат само проверени информации – пренесени од релевантни извори, добро и двојно проверени, без шпекулации и непотврдени наводи. При интервјуирање и снимање сведоци или блиски на жртвите – да се покаже емпатија, почит кон нивните чувства и да се внимава при начинот на поставувањето прашања и водење на разговорите. Известувањето да биде одмерено и непристрасно – со цел да не се создава дополнителна загриженост во јавноста преку пренагласување или сензационално толкување на случувањата. Новинарите треба да се водат од принципите на одговорно и хумано новинарство, имајќи предвид дека нивните извештаи директно влијаат на јавното мислење и психолошката состојба на граѓаните, велат од ЗНМ и СЕММ.

Апелираат до сите граѓани кои ќе забележат прекршувања на Кодексот да ги пријават преку официјалните формулари достапни на веб-страниците на ЗНМ и СЕММ. бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан