• петок, 08 ноември 2024

Зеленски соопшти дека руските контранапади во регионот Курск биле неуспешни

Зеленски соопшти дека руските контранапади во регионот Курск биле неуспешни

Киев, 13 септември 2024 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека руските контранапади во регионот Курск, делумно контролирани од вооружените сили на Украина по нивната голема инвазија минатиот месец, засега не бележат „сериозен успех“, објавија британските медиуми.

Зборувајќи на добротворна конференција, Зеленски рече дека ситуацијата околу стратешкиот град Покровск во источна Украина останува сложена. Руските сили продолжуваат постепено да напредуваат во регионот.

Во исто време, претседателот, цитиран од украинските медиуми, рече дека додека Украина чека на испорака на ветените системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ од нејзините партнери, Русија продолжува да ја напаѓа земјата. Тој изрази надеж дека сојузниците на земјата ќе го променат ставот за употребата на оружје со долг дострел од Украина.

-Ако некој само ја погледне картата каде Русија напаѓа, каде ги тренира своите сили и ги чува резервите, каде се нејзините воени капацитети и кои се логистичките патишта што ги користи, ако го види сето ова, сигурно ќе знае какви долгорочни способности и се потребни на Украина, нагласи претседателот.

Зеленски истакна дека неодамна разговарал за ова прашање со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами. Според претседателот, по оваа средба веќе не може да има прашања зошто на Украина и се потребни доволни ударни способности од долг дострел.

-Сакам да нагласам: зборувам за доволно можности, а не само да кажам дека има решение. Доволни способности да го сменат текот на војната и да ја натераат Русија да сака мир. Навистина се надеваме на нашите партнери, се надеваме на резултати од нив, додаде шефот на државата.

Во исто време, Зеленски рече дека „планот за победа“, кој сака да му го претстави на својот американски колега Џо Бајден подоцна овој месец, „ќе го отвори патот“ за постигнување одржлив мир по војната што трае веќе две и пол години. мс/

фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан