• четврток, 26 декември 2024

Зголемени цените за приклучок за гас во Куманово, општината сега одвојува по 25.000 денари за субвенција за физички лица

Зголемени цените за приклучок за гас во Куманово, општината сега одвојува по 25.000 денари за субвенција за физички лица

Куманово, 6 ноември 2024 (МИА) - Приклучната цена за гас во Куманово изнесува 1.250 евра за физички, додека за правни субјекти е 1.885 евра, соопштија денеска надлежните од претпријатието „Куманово-Гас“ . Оттаму велат дека се одлучиле да побараат зголемување на приклучната цена поради повисоките цени за приклучни елементи. Од друга страна Општина Куманово донесе одлука субвенцијата за приклучок да изнесува 25.000 денари. На последната седница на Советот одлуката за зголемувањето на цената за приклучок беше прифатена.

- Последнава 2024 зголемени се цените за приклучни елементи скоро 55 проценти. Направивме детална анализа на куќен приклучок за гасификација и дојдовме до цена од 77.000 денари и бевме принудени да побараме од советот зголемување на цената за приклучок, поради актуелните пазарни цени на кои никој не може да влијае. Советот ја прифати мерката. Ако не се случеше, тогаш ќе бележевме загуба, што е спротивно на интересите за ширење на дистрибутивната мрежа и нови приклучоци, изјави директорот на претпријатието, Марко Митровски.

Во земјава има само две јавни претпријатија за гасификација кои преку јавни набавки ги обезбедуваат прикчучните тендери. Како што соопштија од „Куманово-Гас“ на тендерот со години  се јавуваат една до две фирми кои имаат  приклучни елемнти и обучен кадар за приклучок.

- Вредноста на субвенцијата е 30 отсто од цената на приклучок, така што сега субвенцијата изнесува 25.000 денари, изјави Митровски.

На последната средба со надлежните од министерството за енергетика, од „Куманово гас“ предложиле и Министерството да обезбеди субвенции за приклучок на гас.

- Останува како предлог и се надевам дека ако има средства ќе ја добијат граѓаните субвенција и од Министерството која ќе овозможи приклучок на семејства во градот, додава Митровски.

Дистрибутивната мрежа ќе се прошири кон Доброшане, околу два километри. Таму е лоцирана индустриска зона со неколку позначајни кумановски компании. Тоа е еден од проектите кои Владата ќе ги подржи за Куманово. Од „Куманово гас“ очекуваат наскоро општината да го распише тендерот, да се јават заинтересирани компании и да почне постапката. ам/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан